Mozilla денеска ја пушти најновата верзија од нивниот Firefox прелистувач, Firefox 94.0. Ова не е голема надградба, односно не донесува драстични промени, но сепак донесува неколку новини кои вреди да се споменат.

Главната новина е додавањето на неколку нови бои во кои може да се „облече“ прелистувачот наречени Colorways. Овие бои се сезонски, како што истакнуваат од Mozilla, па тука ќе бидат само ограничен временски период, а веруваме дека после неколку верзии, ќе има избор од некои други бои.

Боите може да се вклучат веднаш по ажурирањето на Firefox, но и да не се направи тоа, до нив може да се пристапи преку Settings > Extensions & Themes, па подолу во делот Colorways.

Со Firefox 94 доаѓа и можноста за автоматско ажурирање на прелистувачот без потреба од истиот да е вклучен. На истиот начин се ажурираат Edge и Chrome, па Firefox конечно се приклучува кон овој одличен систем за добивање на најновата верзија без потреба од паметење да се провери.

Најновата верзија ја донесува и Site Isolation функцијата, која досега беше во тест верзиите. Со оваа функција секоја веб страна, односно нејзиниот процес, се изолирани од остатокот на меморијата на компјутерот, со што потенцијалните проблеми со малициозен софтвер на една страна, не би требало да можат да направат проблем со другите страни, а и остатокот од компјутерот.

Корисниците на Firefox не треба да направат ништо доколку нивниот прелистувач автоматски се ажурира, а проверката за нова верзија може да се направи стандардно преку About Firefox делот.

ИЗВОРFirefox
Претходна статијаInstagram овозможи јавно приклучување на Stories од страна на корисниците
Следна статијаУспешно заврши проектот WECAN кој има за цел да го зголеми претприемачкиот капацитет на жените
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.