Познатиот интернет пребарувач DuckDuckGo, кој сака да му конкурира на Google преку ветување за многу поголема приватност за корисниците, од минатата година почна да развива прелистувачи за десктоп компјутерите. Мобилните апликации веќе се достапни, а на десктоп корисниците може да го инсталираат DuckDuckGo додатокот кој овозможува заштита од „тракери“ и слично.

Од компанијата најавата дека работат на десктоп прелистувачи ја објавија при крајот на 2021, а во април минатата година беше пуштена и првата ограничена бета верзија за Mac. Корисниците на Mac ја добија и целосно отворената бета верзија во октомври минатата година, а сега апликацијата е достапна да се симне преку App Store.

Уште од почетокот беше најавено дека прво ќе се работи на Mac верзијата, па DuckDuckGo прелистувачот за Windows го гледаме дури сега. Како и минатата година, првата верзија е ограничена, што значи дека корисниците прво треба да се пријават на листа на чекање, па да видат дали ќе добијат пристап.

Пријавувањето се прави преку мобилната апликација од DuckDuckGo на iOS или Android, со отворање на Settings > DuckDuckGo Windows App.

Ако се земе во предвид искуството од минатата година на Mac, бета верзијата без листа на чекање може да се очекува после летото, по што до крајот на годината може да биде пуштена и финалната верзија.

Иако целиот бизнис модел на DuckDuckGo е базиран на ветувањето за приватност на корисниците, сепак откриено беше дека од компанијата ги дозволуваат дел од „тракерите“ од Microsoft, па останува на корисниците да одлучат колку се спремни да и веруваат на оваа компанија.

ИЗВОРTechSpot
Претходна статијаНовиот Bing доби избор за стилот на одговорите кои ги дава
Следна статијаGoogle Phone апликацијата доби мал редизајн и поголема примена на Material You дизајн правилата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.