Иако Brave прелистувачот е познат по тоа што ги блокира повеќето „тракери“, односно скрипти за следење од веб страните, како и рекламите, сепак тие не се единствените елементи кои можат да пречат при читањето. 

Прелистувачот затоа ја има можноста за дополнително блокирање на поединечните елементи од страните, а сега оваа функција доаѓа и на Android верзијата од апликацијата. 

Оваа нова функција е дел од „Shields“ делот на Brave, па корисниците за да блокираат некој елемент треба да притиснат на иконата за штитовите, каде што е достапна можноста „Block elements“. 

Блокирањето се прави по еден елемент со притискање врз истиот, по што ќе го снема. Секако, блокираните елементи можат лесно да бидат вратени за да не дојде со „растурање“ на страната и нејзината функционалност. 

Како пример за елементи кои можат да пречат, кога веќе рекламите се блокирани, се кратките листи со статии кои се популарни на страната и слични елементи кои не ретко се дел од веб страните. 

Оваа можност минатата година ја доби и Safari прелистувачот, на мобилен и на десктоп, а дефинитивно досега се има покажано како корисна. 

ИЗВОРBrave
Претходна статијаЈавна расправа за упис во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми и начинот на водење на Регистарот
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.