По блокирањето на Beeper Mini од страна на Apple само три дена по пуштањето на апликацијата, сега истата повторно функционира. Тоа значи дека корисниците на Android повторно можат да комуницираат преку iMessage сервисот, исто како да тоа го прават преку некој Apple уред.

Очекувано беше дека Apple ќе ја блокира апликацијата, односно пораките кои доаѓаат од истата. Колку и да сакаат од Beeper да го претстават ова што го прават како корисно и потребно, сепак тие се „наметнуваат“ на приватен сервис од друга компанија.

За жал, има и закони кои го дозволуваат ова во името на достапност на сервисите на сите платформи, а тоа посебно доаѓа од ЕУ.

Beeper Mini сега функционира со најава со Apple сметка, а засега не може како претходно да се користи телефонскиот број, но тоа се најавува дека ќе биде повторно овозможено.

Поради несигурната иднина на апликацијата, од компанијата ја направија бесплатна до времето кога ќе функционира без проблеми, а истакнаа и дека Beeper Mini е изгледа најбрзо растечката платена апликација во Play Store со 100.000 инсталации во првите 48 часа.

Од Beeper во голем дел ја правдаат нивната работа со овозможување на шифрирана, односно приватна комуникација во споредба со SMS комуникацијата која мораат да ја користат сега корисниците кои комуницираат помеѓу Android и iOS.

Можноста да се користи некоја од апликациите како WhatsApp, Signal и другите од Beeper ја исклучуваат поради тоа што Messages е главната апликација на iOS, но тоа не ги спречува милиони корисниците да ги користат другите апликации.

Главната „борба“ е во САД каде популарноста на iPhone е на највисоко ниво, како и Messages апликацијата.

Аргументот за приватна комуникација која е шифрирана ќе биде неважен идната година кога наместо SMS, корисниците ќе можат да комуницираат преку RCS протоколот.

ИЗВОРMacRumors
ИЗВОР 2Beeper
Претходна статијаНа финалето на првата Национална Олимпијада за Вселената млади од цела Македонија изработија експеримент „Атмосферска Извидница“
Следна статијаApple официјално ја претстави Journal апликацијата која ја најави со iOS 17
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.