Според информации од компанијата Pixelate, вкупно 1,5 милиони апликации на App Store и Play Store не се ажурирани повеќе од 2 години, односно се „напуштени“ од страна на своите програмери.
Поради ова овие апликации најверојатно ќе бидат тргнати од продавниците за апликации, односно нема да може да бидат пронајдени и инсталирани. Покрај другите причини за ова, апликациите кои не се ажурираат претставуваат и безбедносен ризик за корисниците.
Бројката на напуштени апликации се движи околу 869.000 на Play Store, односно 650.000 на App Store. Ова е 28% од вкупната понуда на апликации на двете платформи, што не е малку и покажува дека голем дел од апликациите се оставени и веќе не се развиваат.

Податоците исто така покажуваат уште една работа која е логична, а тоа е дека апликациите кои имаат поголем број на инсталации почесто се ажурираат, односно 84% од апликациите кои се симнати повеќе од 100 милиони пати се ажурирани во последните шест месеци.
Вкупната бројка на апликации кои им се достапни на корисниците на двете платформи изнесува околу 3 милиони, но јасно е дека само околу 100-200 се навистина популарни и често се користат.