Соработката помеѓу Microsoft и OpenAI е нешто за кое сигурно нема кој нема слушнато, односно прочитано. Со пуштањето на првата јавна бета верзија од ChatGPT и дотогаш прилично позната компанија OpenAI, нагло стана една од најпознатите во светот.
Наскоро позната стана и соработката со Microsoft кои се најголемиот инвеститор во компанијата со 49% удел, нешто што наводно е направено така за да не мора да се бара дозвола од регулаторите, доколку бил купен контролирачки дел од компанијата.
Оваа соработка после некој месец можевме да ја видиме преку интеграцијата на технологијата базирана на генеративна вештачка интелигенција и јазични модели во скоро секој производ од Microsoft. Тоа што прво започна со новиот Bing и сега познатата Bing Chat функција, брзо прерасна во вклучување во скоро сите производи од компанијата.
Во колумна на The Wall Street Journal се пишува нешто повеќе за позадината на оваа соработка која обично изгледа како „перфектна“. Директорите на двете компании не ретко настапуваат заедно, истакнувајќи ја одличната соработка и иднината на вештачката интелигенција.
Сепак, не е се баш како што треба во оваа соработка, а се очекуваат уште поголеми проблеми во иднина. Овие идни проблеми во главно се очекуваат поради тоа што двете компании нудат конкурентни производи на пазарот, а и двете компании сакаат да заработат, па можно е тоа да стане доста поголем проблем.
Засега, се истакнуваат случаеви каде продажните тимови на двете компании нудат услуги со GPT технологијата, OpenAI директно, а Microsoft преку нивниот Azure сервис, нешто што не поминува незабележително кај клиентите.
Дополнително, OpenAI ги имаат предупредено Microsoft дека непотребно брзаат при интеграцијата на GPT технологијата во новиот Bing, а за истата бил потребен период за дополнително тренирање. Проблемите кои имаат излезено од ова можевме да ги видиме во информациите за тоа како функционира Bing, па и ограничувањата кои подоцна беа воведени, па постепено намалени.
Во колумната исто така може да се прочита и за незадоволството кај некои од вработените во Microsoft за помалото инвестирање во технологијата за вештачка интелигенција која се развива внатре во компанијата, на сметка на OpenAI. Голем дел од вработените не добивале ни пристап до технологијата на OpenAI, иако тие сега треба да функционираат со истата.
Јасна е причината поради која Microsoft брзаат со интеграцијата на оваа нова технологија во нивните производи. Тие гледаат голем потенцијал во вештачката интелигенција, а и во истата видоа шанса да успеат да се приближат до Google, барем на пазарот на интернет пребарувачи.