Директорот на OpenAI, Сем Алтман, преку неговиот личен блог пишува за неговите очекувања од вештачката интелигенција во годините што следат. Периодот што следи, како и насловот на објавата, ги нарекува Ера на интелигенцијата, а очекува дека развојот на ВИ ќе дојде до суперинтелигенција многу побрзо од што очекуваме, односно во наредните неколку илјади денови.
Алтман верува дека човештвото ќе има големи придобивки од развојот на вештачката интелигенција. Луѓето ќе можат да прават работи кои се незамисливи во денешно време, а посебно за претходните генерации.
Тој верува дека вештачката интелигенција ќе стане личен асистент на секој човек, ќе претставува цел тим на виртуелни експерти на различни теми, за децата ќе биде личен тутор на било кој предмет и на било кој јазик, со брзина на учење која одговара на секое дете.
Вештачката интелигенција ќе донесе и подобро здравство за луѓето и ќе овозможи решавање на голем број на проблеми кои во денешно време не можеме да ги решиме.
Овој напредок Алтман истакнува дека нема да се случи наеднаш и за истиот ќе треба решавање на некои проблеми, како што е големиот трошок за енергија за вештачката интелигенција, потребата од напредни чипови и слично.
Како негативна страна на развојот на вештачката интелигенција Алтман го гледа влијанието на работните места на луѓето, па тој смета дека уште сега треба да се почне со максимизирање на придобивките од ВИ и намалување на штетата.
Целата објава на Сем Алтман можете да ја прочитате тука.