Microsoft го претстави, како што сакаат да го нарекуваат, новиот Bing, пред една недела. Новиот Bing, кој може да се користи како и досега за пребарување на веб страни, доаѓа со интеграција со новата верзија од GPT технологијата на чија основа работи еден од најпопуларните јазични ботови, ChatGPT.

Веднаш беше можно да се пристапи до новиот дел од Bing, од каде што може да се пријави на листата на чекање за да се добие пристап до Bing помогнат од вештачката интелигенција. Од компанијата на оваа страна додаваат дека погоре на листата може да се дојде со поставување на Edge како главен прелистувач и со симнување на Bing апликацијата на мобилните.

Оваа недела корисниците кои се имаат пријавено на листата на чекање почнуваат да го добиваат пристапот до новиот Bing. Пристап добивме и ние, па го разгледавме пребарувачот и како може да ни помогне подобро да пребаруваме.

Оваа технологија наскоро може да се очекува да биде интегрирана и кај Edge прелистувачот, но и во Word, Excel и другите апликации од Microsoft 365.

Покрај можноста за сумирање на веб страници, пишување на код, преведување, пишување на статии и слично, сепак вистинската корист на новиот Bing е во можноста да се постави прашање со природен говор, односно исто како да прашувате човек. Bing може да ви постави потпрашања доколку е потребно и да ви даде одговор.

За разлика од бета верзија од ChatGPT, Bing ги влече информациите од актуелни извори, што значи дека тие не се застарени, а исто така во одговорите достапни се и линкови до изворите на кои се темели тој одговор. Ова е доста важно поради тоа што не секогаш може да им се верува целосно на одговорите, па доколку темата е важна, не е лошо да дополнително се истражи на повеќе страни.

Bing вештачката интелигенција ја интегрира и во стандардниот дел, па за одредени пребарувања, посебно тие кои се поставени во форма на прашање, од десната страна се прикажуваат и одговори од Bing, а лево остануваат стандардните веб страни кои се резултат на пребарувањето.

Овој начин на пребарување може да скрати доста време при истражување, а посебно кога корисникот не знае точно како да пребара по клучни зборови. Можноста да се постави целосно прашање, пребарувачот да го разбере и да врати одговор, претставува еден вид на револуција во интернет пребарувачите.

Претходна статијаОбјавите на Елон Маск на Twitter намерно се прикажуваат многу почесто од што би требало
Следна статијаGeekbench 6 го подобрува тестирањето на уредите со тестирање на работите кои корисниците навистина ги прават
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.