Новиот Bing официјално е пуштен во „open preview“, што во основа значи дека веќе нема листа на чекање, па сите корисници можат да го користат. Ова доаѓа по пуштањето на Bing за сите корисници, односно скратувањето на времето на чекање по приклучувањето на листата на чекање.

За да се користи новиот Bing сепак има неколку услови, односно корисниците мора да се најават со нивната Microsoft сметка и страната мора да ја отворат преку Edge прелистувачот.

Со вчерашната најава за отворањето на новиот Bing за сите корисници, од Microsoft најавија и неколку нови функции кои ќе го подобрат користењето на оваа алатка при пребарувањето, направена на основа на вештачка интелигенција.

Новите функции вклучуваат работи како додавање на слики, видеа и графикони во одговорите од Bing, пристап до историјата на разговори со Bing, можност за искористување на историјата на разговори до страна на Bing за подобри одговори во иднина, како и можност за приклучување на сервиси од трети страни.

Една од поважните новини која е најавена е првата, односно искористување на историјата на разговори. Основната можност е корисниците да можат да ја видат историјата, но тоа што ќе направи поголема разлика е можноста да се продолжи со некој постар разговор. Уште поголема разлика ќе има во иднина кога Bing ќе може подобро да одговори на прашањата земајќи ги во предвид претходните разговори со корисникот.

Microsoft Edge останува важен дел во пуштањето на новиот Bing преку интеграција на системот во прелистувачот. Новина е можноста за отворање на линковите од Bing во десната лента од Edge, каде веќе е достапна интеграцијата со Bing.

Сервиси од трети страни ќе може да се интегрираат во Bing, па на пример преку пребарувачот да може да се резервира во некој ресторан. За ова бизнисите ќе треба да направат поврзување со Bing, нешто што сигурно ќе добие на популарност во иднина.

Microsoft очигледно дава големо значење на вештачката интелигенција, па ја интегрира доста брзо и во скоро сите нивни производи. Иако вештачката интелигенција како алатка може да донесе големи предност, сепак се добива впечаток дека од компанијата брзаат да бидат први и пред другите да ги дадат своите одговори на технологијата.

Деновиве можевме да прочитаме дека Microsoft повторно се враќа на своите стари „начини“, па продолжува со „сила“ да го наметнува Edge на корисниците преку отворање на линкови во овој прелистувач, без разлика кој е наместен како главен, како и оневозможување на копчето во Chrome кое со еден клик го ставаше овој прелистувач како главен.

Деталите околу новите функции на Bing, заедно со посебни видеа, можете да ги погледнете на оваа објава од компанијата.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Windows Central
Претходна статијаGoogle овозможи најава на сметките од корисниците без лозинка
Следна статијаРоботската правосмукалка Roborock Q7 Max+ сега е достапна во Смартус Македонија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.