На Google I/O конференцијата Google најави нова верзија од нивниот Bard, за кого имаше критики кога првпат беше презентиран и ги доведе од компанијата да после долго време ја бркаат конкуренцијата, наместо тоа да биде обратно.

Bard сега работи на PaLM 2 јазичниот модел, кој исто така беше презентиран на Google I/O. Овој јазичен модел е најавен како доста поспособен од претходната верзија, кој доаѓа со напредни математички и расудувачки вештини, како и способности за програмирање.

Од најавата се гледа дека Bard претставува посебно корисна алатка за програмерите кои со новата верзија ќе можат уште повеќе да го користат овој „асистент“ со вештачката интелигенција.

Со оваа најава беше истакнато дека иако Bard се’ уште се смета за експеримент, тој станува достапен за многу повеќе корисници. Листата на чекање е тргната, а достапноста е проширена во 180 земји, иако нас уште ни кажува дека не е достапен во нашата земја, ќе провериме пак наредните денови.

Google најави неколку нови функции кои стануваат или ќе станат дел од Bard во периодот што следи. За потсетување, Bard е бот за разговори какви што се ChatGPT и Microsoft Bing. Од компанијата иако малку доцнат, сепак се тука да ја претстават својата конкуренција на пазарот и да го задржат моменталното силно прво место.

Една од новите функции е вклучувањето на слики во одговорите кои ги дава Bard. Од Google даваат пример со прашањето „Кои се некои од местата кои мора да се видат во Њу Орлеанс?“. Bard ќе почне да одговара, а заедно со одговорите ќе додаде и слики од тие места.

Покрај ова, корисниците ќе можат да прикачат слика и врз основа на таа слика да постават одредени прашања или да побараат нешто од Bard. Од компанијата повторно даваат пример за ова, па ја прикажуваат можноста да се прикачи слика од две кучиња и да се побара од Bard да напише некој интересен и смешен текст.

Како што истакнавме, Bard се покажува како доста корисна алатка за програмерите, а ова е случајот и со конкурентите. Google најавува нови способности на ботот кои ќе овозможат цитирање на изворите, како и можност за пренесување на кодот директно од Bard во некоја од алатките за програмирање.

За во иднина Google најавува можност за поврзување на Bard со различни сервиси од нивни партнери, па посебно се истакнува интеграцијата со Adobe Firefly. Оваа алатка и интеграција ќе овозможи генерирање на слики од страна на Bard, нешто што веќе е достапно кај Microsoft Bing.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаGoogle го претстави Pixel Fold – првиот уред на преклоп од компанијата
Следна статијаGoogle Search добива интеграција со генеративната вештачка интелигенција
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.