Bard е одговорот на Google на огромната популарност на ChatGPT алатката која Microsoft ја искористи и интегрира во нивниот Bing пребарувач. Овие алатки ќе овозможат промена на начинот на којшто пребаруваме на интернет со можност за поставување на целосни прашања во природен говор и добивање на одговор кој е сумиран од повеќе веб страни. Уште поважно и интересно, овие алатки поставуваат дополнителни прашања со цел да дадат што подобар одговор.
Новиот Bing веќе е достапен за одредени корисници, а ние можевме да го пробаме и да потврдиме дека пребарувањето веќе нема да биде исто и може да се каже дека сме на почеток на една револуција во оваа област.
После презентацијата на Bard, која беше доста пократка од што се очекуваше и имаше и грешка во информациите при одговорите, се поставува прашањето дали Google избрза и предвреме се обиде да покаже дека не планираат да ја изгубат пазарната позиција.
Изгледа точни беа информациите дека директорите на Google биле прилично затекнати од развојот на настаните и загрижени, а тоа не би бил случајот доколку нивниот јазичен модел е доволно развиен и подготвен да им конкурира на другите.
Според извори на CNBC, дел од вработените го имаат критикувано директорот Сундар Пичаи и претставувањето на Bard го имаат наречено избрзано, па дури и дека не било направено во стилот на Google.
Од компанијата на презентацијата во Париз немаат многу детали за Bard, а настанот во главно беше повеќе посветен на другите производи.
Microsoft доби голема предност која може да им ја подобри пазарната позиција и барем да му се приближат на Google кој го држи цврсто првото место во светот.