Фото: Shutterstock.com

Се ближи WWDC 2024 конференцијата на која конечно ќе го видиме резултатот од работата на Apple со генеративна вештачка интелигенција изминатиот период. Тие ќе се приклучат на трендот на воведување на функции со ГВИ подоцна од другите, а iOS 18 и macOS 15 ќе бидат верзиите кои треба да им ги донесат овие нови функции на корисниците.

Од тоа што досега можевме да прочитаме се верува дека Apple големо значење ќе даде на приватноста при воведувањето на генеративната вештачка интелигенција, па поради тоа поголемиот дел од функциите ќе функционираат локално, односно од самиот уред.

Можевме да прочитаме дека од компанијата не планираат да развијат сопствен „четбот“, па за тоа ќе соработуваат со некоја од другите компании, а доста време се веруваше дека тоа ќе биде Google со нивниот Gemini.

Според најновите информации од Марк Гурман, Apple сепак договор ќе постигнат со OpenAI, а не со Google, па може да се очекува некаква интеграција на ChatGPT во наредната верзија од iOS и macOS.

Не е точно јасно каква би била оваа интеграција, односно дали може да се очекува овој „четбот“ да биде интегриран во Siri или во некој друг дел, но јасно е дека нема сите функции со генеративна ВИ да бидат на основа на технологијата од OpenAI.

Гурман исто така информира дека од Apple работат на нови сервери кои ќе функционираат со чипови од компанијата, а кои треба да се користат за дел од функциите со генеративна ВИ.

Големи се очекувањата од Apple за влез во оваа област, а и очекувано големо е вниманието кое го привлекуваат.

Претходна статијаBitwarden ја донесе својата поддршка за „passkeys“ кај нивните мобилни апликации
Следна статијаНаредната верзија од Windows 11 се очекува автоматски да го вклучи шифрирањето на дискот со BitLocker
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.