Се обидувате да заспиете веќе неколку часа и не можете? Причината може да е константното гледање во дисплеј ноќе, било дали се работи за вашиот паметен телефон или пак лаптоп, односно компјутер. Поточно, „крив” за ова е синиот спектар на светлина кој го продуцираат дисплеите.

Објаснувањето е многу едноставно – синиот спектар на светлина е најприсутен во денски услови, кога нашето тело е предодредено да биде будно. Од друга страна, навечер има недостаток на природна сина светлина, што му дава знак на организмот дека е време за одмор, односно спиење. Дисплеите, кои продуцираат многу сина светлина, целосно го пореметуваат начинот на функционирање, односно го „лажат” организмот дека е ден. Ова може да го расипе сонот, но може да има и многу други последици.

Според истражувањата, покрај немањето доволно сон, сината светлина може да ја намали способноста за учење, да ја влоши краткорочната меморија и да ги поремети хормоните кои контролираат глад и да јадете повеќе отколку што треба. Исто така, научниците имаат најдено поврзаност меѓу депресијата и премногу сина светлина навечер, оштетување на видот и дури и зголемен ризик од рак на простатата и дојките.

Затоа, борбата против сината светлина навечер треба да се сфати прилично сериозно. Лично, користам бесплатен f.lux софтвер на мојот компјутер (достапен за Windows 7, 8.1 и 10), кој ја блокира сината светлина навечер, додека на смартфонот (Lumia 930) го имам наместено дисплејот да прикажува потопли бои (Warm) во подесувањата. Многу смартфони денес веќе имаат опција за директно префрлање во потопли бои со помалку сина светлина навечер, како на пример Apple Night Shift кај iPhone.

Покрај тоа, пожелно е целосно да ги згасите звуците и вибрациите за нотификации навечер, бидејќи тие уште полошо влијаат на вашиот сон. А мислам ќе се сложите дека сонот и здравјето се секако поважни од тоа кој ви искоментирал на Facebook или пак од некој “Newsletter” email кој скоро сигурно и нема да го отворите.

Извор: Bussines Insider, Collective Evolution

Претходна статијаСело кое само произведува храна и енергија стартува во 2018 година
Следна статијаШто е тоа иновација?