senior-tech-100675265-primary.idge

Во постапките и неизговорените коментари на младите луѓе често се чувствува преќутната фрустрација со постарите луѓе кога се работи за технологијата. Кога некој постар човек ќе запраша за помош за користење на некое ново парче технологија кое не му е познато, младите знаат суптилно да се шегуваат и подбиваат со него поради претпоставената „неприлагоденост“ на постарите.

Е па, млади, посветете должно внимание – постарите работници подобро се снаоѓаат со технологијата на работа од помладите. Навистина.

Се работи за студија на Dropbox во која биле вклучени околу 4 илјади работници од САД, Европа и Австралија. Во нив биле вклучени неколку категории, како носачи на одлуки (202 испитаници), информациони работници (505 испитаници) и други.

Студијата открила неочекувани резултати: работниците во групата на 55+ години повеќе ја користеле технологијата и дадените уреди за работа, со проценка за користење од 5,4, него ли просекот од 5,0. Во споредба со младите (категорија од 18-35 г.), само 17% од постарите работници пријавиле проблеми поврзани со користењето на технологија, во спореба со дури 33% кај миленијалците. Цели 36% од миленијалците велат дека користењето на технологија и уреди на работа е стресно во споредба со 25% од постарите работници.

Едноставно, изгледа дека постарите работници полесно се снаоѓаат со технологии и уреди кога се работи за работното место.

Која е причината за ваквиот резултат?

Овој наод е контраинтуитивен, па доаѓа да се запрашаме која е причината за ваквите резултати. Мојата претпоставка е дека навикнатоста на помладите генерации на користење супередноставна технологија комбинирано со нивната преоптовареност со непотребни и тривијални информации преку „социјалните“ мрежи е причината за овој феномен.

Младите луѓе помалку го користат умствениот капацитет за полезни и работни активности во споредба со постарите работници, а повеќе седат со часови на Facebook, Instagram и Twitter, со часови гледајќи слики или читајќи досетливи статуси. Секако, дневниот ментален капацитет е ограничен, па бивајќи потрошен на тривијални работи, потешко се снаоѓа со користење на технолошки решенија кои не се „еден клик за резултат“, туку изискуваат поголем ангажман (каков што е обично софтверот на работното место).

Оваа оптовареност е исто така причината за успехот на супередноставни технолошки решенија (како денешните паметни телефони) за сметка на посложени, но поспособни сервиси.

За разлика од нив, постарите работници поминуваат помалку време на виртуелните социјалните мрежи, а повеќе време одморајќи се, читајќи весник, гледајќи телевизија и дружејќи се со луѓе „од крв и месо“. Поради ова, помалку се изморени во текот на денот и имаат поголем капацитет да прифатат и проучат технолошки решенија кои, макар биле посложени, ги носат потребните резултати.

Наравоучение 1: не си го губете времето гледајќи слики на Instagram и можно е да доживеете духовна и финансиска рененсанса во својот живот поради помалиот стрес, поголемите интелектуални капацитети и поголемото слободно време кое можете да го посветите на вашите потреби.

Наравоучение 2: не ги потценувајте постарите – сето тоа што вие го поминувате, го поминале и тие и знаат повеќе од вас, а очигледно и повеќе се снаоѓаат од вас.

Дополнителни информации: Prime Candidate, CIO, Fortune

Претходна статијаiPhone 8 ќе биде целосно изработен од стакло?
Следна статијаSeagate претстави SSD диск со огромен капацитет од 60 TB