Converted_file_57b0500d

Сакате да станете писател, но всушност ве мрзи да пишувате? Не се секирајте, на помош доаѓаат научниците кои во журналот „Границите на неврологијата“ ја објавија својата најнова студија, со која демонстрираат создавање зборови директно од мозочните бранови.

Тие ова го постигнале со користење на електроди кои биле всадени во мозокот поради третман на епилепсија. Користејќи ги нив во детектирањето на мозочните бранови, тие на седум пациенти им дале да прочитаат најразлични текстови, кои вклучуваат говор на Кенеди, Хампти Дампти, и Charmed.

Софтверот ги препознавал менталните „звуци“ кои ги создавал мозокот и по некое време поминато во тренинг и со помошта на автоматски поправач на зборови (auto-correct) достигнале доволно добро препознавање на зборови кои не биле дел од говорите кои ги читале. Секако, потребно е дополнително да се тренира самиот софтвер и да се работи на поголема прецизност на препознавање на брановите од мозокот.

Засега не е можно да се детектираат мозочните бранови без да се сместат електроди директно во мозокот, и тоа што може да се открие надвор од черепот е недоволно дефинирано. Од еден аспект ова е лошо за невронаучниците кои сакаат да го испитуваат овој феномен без да мора да вградуваат електроди во мозокот на испитаниците.

Од друга страна, ова е позитивен исход ако ја набљудуваме работата низ призмата на приватност. Имено, кога научниците би развиле начин да се читаат мислите директно во зборови би можеле да се збогуваме со приватноста, бидејќи некако осеќаме дека за таквиот софтвер и хардвер ќе бидат заинтересирани најразлични „безбедносни“ агенции по светот.

Извор: IFLScience, PopSci

Претходна статијаSnapdragon 820 ќе работи на 3.0 GHz
Следна статијаGalaxy Note 5 ќе има полуксузен дизајн