Се сеќавате ли на овцата Доли? Создадена од клетка извадена од дојна жлезда и крстена по дојките на славната Доли Партон (зошто да не), овцата Доли беше првиот цицач во историјата клониран во процес наречен нуклеарен (јадрен) трансфер. Нејзиното раѓање го преврте светот наопаку, со што продолжија обидите да се клонираат други живи суштества: стока, мачки, глувци, дури и кучиња.

Благодарение на одличниот резултат од Доли, месецов на јавноста ѝ беа откриени првите клонирани примати во историјата. Со нивните големи очиња, пуфкасто крзно и тенки ноџиња, мајмунчињата Zhong Zhong и Hua Hua изгледаат како сите други Макак мајмунчиња на нивна возраст, со една битна разлика. Тие се генетски идентични.

Научниците се надеваат дека на овој начин ќе може длабински да се испитаат механизмите кои ги градат тешките болести на човештвото, но исто така ќе може да помогне во искоренување на зависностите. Клоновите исто така ќе им помогнат на научниците да дознаат како модификациите на животната средина ги менуваат гените на близнаците низ времето.

Претходно вакви клонови беа создадени само при вештачко двоење на ембрион, процес сличен на оној кој се случува во природата при создавање на близнаци. Но овие две мајмунчиња се создадени со истиот процес како и Доли. Земена е јајце клетка од донатор и од неа е извадено јадрото, кое е потоа заменето со јадро од клетка од возрасна индивидуа. Кај Доли ова спојување било извршено со помош на струја, а во новото истражување со помош на вирус. Така споената клетка е пренесена во мајка-сурогат, која ги носела мајмунчињата до полна бременост.

Претходна статијаGoogle ги презеде инженерите на HTC за 1 милијарда
Следна статијаИзмени во ЗБСП во однос на правото за стекнување на возачка дозвола од Б категорија за дете-возач