extra_large-1467041829-cover-image

Штрковите се селат на југ кога е зима, а доаѓаат и се закачуваат на скоро секоја бандера во гевгелиско на лето. Постојат птици кои патуваат десетици илјади километри и успешно се враќаат назад при нивните миграторни патеки. За јагулите во Охридското езеро исто така имам прочитано информации дека мигрирааат преку реки во јонското море, патуваат илјадници километри и повторно се враќаат кај Охрид (на годишен одмор?).

Сепак, за луѓето не сме чуле за вакви феномени… или, сепак, сме чуле? Веројатно сите се сеќаваме на филмот за Велигденските острови и нивната нативна, Рапа Нуи популација која дошла од Полинезија – преку целиот Тихи океан – до Велигденските острови, далечина од илјадници километри преку т.н. „Полинезиска навигација“, во време кога компаси, мапи од Земјата, GPS/Глонасс сателити не постоеле.

Тогаш, како го извеле тоа? Еден научник смета дека знае како, а тоа е дека луѓето, како и многу други животински видови, поседуваат магнетноприемно чувство.

Знаци за тоа увидел од експериментите кои ги правел во магнетноизолирана соба на Калифорнискиот институт за технологија (Caltech). По осигурување дека нема некои „диви карти“ кои ќе овозможат мамење на експериментот, истражувачите на тест-субјектите им наредиле електроди околу главата, а во собата уреди за создавање на магнетни полиња кои можат да ги сменат поларитетите и насоката.

Потоа започнале со експериментирање. Интересното што го забележал Џоу Киршвинк, водачот на студијата, е што кога магнетното поле го менувало правецот спротивно на движењето на стрелките од часовникот, биле откриени мозочни бранови кај некои неврони кои инаку не се создаваат. Ова е еден укажувачки „доказ“ за постоењето на магнетноприемното чувство кај луѓето со кое може да се објасни осетливоста на луѓето кон магнетните полиња на Земјата.

Најголемиот проблем во целата приказна е што геофизичарот Киршвинк не може да покаже како точно луѓето би го користеле ова чувство за навигација. Имено, механизмот на „осеќање“ на земјиното магнетно поле е сè уште генерално непознат ниту кај животните за кои сме сигурни дека имаат вакво чувство, а тек пак кај луѓето.

Битно е засега да знаеме дека имаме потенцијал да навигираме и без помош на модерни уреди, па ако се изгубите во непозната шума измедитирајте некоја минута за да си го вратите внатрешното чувство на геолокација и да знаете накаде да тргнете.

Дополнителни информации: IFLScience, ScienceMag

Претходна статијаKickassTorrents страната не функционира по апсењето на наводниот сопственик
Следна статијаViber за Windows 10 официјално достапен – бета ознаката тргната