plugged-in-brain-1

Може да се каже дека научно-фантастичните филмови ја претскажуваат иднината. Тоа што некогаш сме го гледале во кино и ни изгледало невозможно, сега е возможно, па дури и повеќе од тоа.Ова не е без причина така – факт е дека луѓето поседуваат неограничен потенцијал и се` што ќе си замислиме во нашата фантазија може да стане реалност.

Учењето нови вештини и способности повеќе нема да се опишува со придавките: напорно, макотрпно и долготрајно. Новиот симулатор може да помогне во впивањето знаење на сличен начин како во сцената од филмот „The Matrix“ во којашто Киану Ривс учи боречка вештина со помош на програма директно инсталирана во неговиот мозок.

За жал, аплоудирањето на знаење и нови вештини директно во мозокот по пат на матрикс-технологијата се` уште не е целосно возможно, но за среќа одиме во тој правец.

Тим од научници од HRL лабораториите од Калифорнија успеа да открие начин за полесно кодирање на секакви вештини во човечкиот мозок без голем напор од страна на ученикот. Не станува збор за инсталирање на нови знаења со помош на мозочни сигнали, туку користење на одредени електрични сигнали за стимулирање на мозокот.

Ова истражување предводено од страна на Д-р Метју Филипс (Matthew Phillips) потврди дека возможно е подобрувањето на начинот на учење со што учењето ќе одзема помалку време.

Станува збор за употребата на невро-стимулациска техника наречена  transcranial Direct Current Stimulation (tDCS). Овој безболен и неинвазивен метод се состои од константно спроведување на електрични бранови за поттикнување на специфични делови од мозокот. На овој начин не само што процесот на учење е олеснет, туку и новостекнатите вештини се запомнуваат подолго.

„Кога учиме нешто, нашиот мозок физички се менува. Конекциите се направени и зајакнати со помош на процесот наречен невропластичност. Произлегува дека одредени функции во мозокот, како говорот и меморијата, се лоцирани во многу специфични региони од мозокот, со приближна големина на малиот прст“ – истакна Д-р Филипс.

Тој заедно со неговиот тим откриле дека кога ја користеле tDC стимулацијата за да ја испратат мозочната активност од 6 комерцијални и воени пилоти кон главите на 32 пилоти почетници користејќи специјални електроди закачени на нивните глави, испитаниците можеле суштински да научат да летаат со помош на реалистична симулација на летање. Новите пилоти имале подобрени вештини по примената доза на tDCS, а особено им била подобрена способноста за слетување.

„Како што дознаваме повеќе за оптимизирањето, персонализирањето и адаптирањето на протоколите за мозочна стимулација, ние ќе бидеме сведоци како овие технологии стануваат рутина во средините/просториите наменети за учење како и училниците. Возможно е мозочната стимулација да биде имплементирана за време на часовите по возење, подготовката за SAT тестирања или пак учењето јазик“ – додава Д-р Филипс.

Овие вести ќе охрабрат голем дел од мрзливите луѓе, а останатите нека почекаат додека оваа технологија не се усоврши целосно и додека „инсталирањето“ на нови знаења директно во мозокот нема да биде вистински возможно и практично применливо.

Извор: The Hacker News, TechCrunch

Претходна статијаПрви фотографии од iPhone 7 – нема пластични линии за антените, има поголема камера?
Следна статијаSony има своја идеја за иднината со паметни уреди со “Concept N” и “Interactive Tabletop”