Вилинско коњче 44
extra_large-1472222695-cover-image
Вилинско коњче 44

Веќе имаме пишувано за темната материја. Се работи за материја која не можеме директно да ја видиме или откриеме преку електромагнетни зрачења, но очигледно постои бидејќи предизвикува феномени (како на пр., гравитациски полиња) каде не би требало да постојат.

Еден пример е каде галаксии кои инаку би требало да се распаднат, продолжуваат весело да пловат низ вселената нечепнати бидејќи меѓу видливата материја има еден куп темна материја која ја држи целата галаксија на „купче“.

Токму тоа научниците претпоставуваат дека го имаат откриено во галаксискиот систем Вилинско коњче 44 (Dragonfly 44), кој е толку материјално редок што не би требало ниту да постои. Па сепак, постои и се инаети на законите на физиката… Освен ако најголемиот процент од неговата материја е направена токму од темна материја, и тоа дури околу 99,99%!

Да, добро прочитавте – Вилинско коњче 44 е составена од 99,99% темна материја и само 0,01% видлива материја. Се работи за навистина голема концентрација на темната материја, ако навистина е таа причината што галаксијата е жива и здрава низ вселената. Поради екстремно малата густина на видлива материја, самата галаксија се гледа едвај како измаглина, а не како силна и сјајна галаксија како што би требало да изгледа.

Меѓународниот тим на научници сè уште не знаат како може вакви галаксии воопшто да се формираат во вселената. Се претпоставува дека цели 27% од целата материја и енергија во вселената е составена од темната материја, но вакви концентрации на едно место се невообичаени дури и за нејзе.

Како и да е, интересен наод и ќе ги чекаме дополнителните информации во однос на толкувањето на создавањето на ваквите галаксии, како и на нови информации околу природата на темната материја.

Дополнителни информации: IFLScience, Yale University

Претходна статијаНовите Intel Kaby Lake чипови нема да поддржуваат Windows 7 и 8.1
Следна статијаSamsung Gear S3 – спој на елеганција, робустност и високи перформанси