1920px-After_DavisCA_RoadDiet

Безбедноста и ефикасноста на патиштата е инженерски и проектантски проблем кој се` уште не е решен на задоволително ниво. Многу често градовите посегнуваат по ширење на патиштата, создавање на еднонасочни улици од двонасочни, заменуваат семафори со кружни текови и други преуредби за да го подобрат протокот, да нема гужви и да се ослободи место за велосипеди и пешаци.

За жал, преуредбата не е можна секаде, особено каде градските власти пред неколку генерации ја „утнале“ работата во претпоставката колку возила ќе се возат по улиците на некој град (дали има потреба да го спомнеме Скопје?). Од друга страна, едно интересно решение почнува да се применува во некои градови и области на САД. Се работи за т.н. диета за патишта. Името не имплицира дека се работи за посебно мени за исхрана кое треба да го применувате додека возите по некоја улица.

Напротив, се работи за преуредување на веќе постоечки улици во такви кои во исто време ќе ја намалат брзината на движење (со што ќе ја намалат тежината на сообраќајните незгоди) и ќе ослободат простор за велосипеди и пешаци. Според филозофијата на диета за патишта, ако на пример имаме улица со 4 ленти за возила, таа може да биде преуредена во улица со 3 ленти за возила, и една за велосипеди. Средната лента може да се користи и за двата правци, ако треба да се врти на лево.

Други решение е ако имаме улица со 5 ленти на која од двете страни се паркираат возила, може да се претвори во улица со 4 или 3 ленти, а позади едната лента за паркирање да се постави патеката за велосипеди. Во средината на улицата може да се постави и пешачки остров, што ќе им овозможи на пешаците побезбедно минување на истата.

Решенијата се повеќе, а според застапувачите на ваквиот тип на сообраќај несреќите се намалуваат, брзината на одвивање на сообраќајот не е нарушена (бидејќи во град со семафори и други автомобили секако не можете да поминете побрзо од точка А до Б без разлика колку брзо возите), а се ослободува и засебна лента за велосипеди што го прави нивното возење побезбедно без да има потреба за изведба на посебна.

Според поддржувачите, ваквото решение е за улици со до 19.000 возила дневно. Решението е интересно иако не сме сигурни колку е навистина ефикасно и применливо. Останува да ги видиме дополнителните информации од неговата примена.

Извор: Vox, FHWA Safety Program

Претходна статијаMicrosoft работи на тастатура со посебен e-ink екран на допир
Следна статијаWindows 10 блокиран од одредени приватни торент тракери