Една од најинтересните технологии произлезени од научно фантастичните книги и филмови се „креаторите“ на храна. Во Star Trek на пример можете да добиете каков оброк сакате за помалку од секунда благодарение на репликаторот на храна, нешто што би било идеално решение за сите гладни души кои немаат многу време за готвење.

Сега, нова израелска стартап компанија “Yissum Research Development Company” работи на 3D испринтана храна, која можеби е далеку од репликаторот во Star Trek, но би можела да реши многу актуелни проблеми со нутриционизмот, особено во поглед на подобар и подетален избор на тоа што внесуваме во нашите стомаци.

Идејата зад 3D испринтаната храна е корисникот да има целосен увид во тоа што внесува во својот организам, со точни мерки за секоја состојка. Да, ова значи дека ќе може да намалите на мастите и јаглехидратите на сметка на протеините и сл. Ваквиот принтер работи со нано целулоза, која е основата на секоја храна која ќе излезе од принтерот и која е природна и нема воопшто калории.

Одед Шосејов, професор кој всушност ја има развиено нано целулозата, смета дека ваквата технологија би можела да се користи од во приватни домови, но и во училишта, ресторани и големи компании и институции. На овој начин, на корисниците на овој производ ќе им се дозволи поголема персонализација на храната (сите имаме различни организми) според нивните потреби.

Исто така, со 3D печатената храна ќе се намали и отпадот, што станува се поголем проблем, бидејќи според Шосејов, 30% од храната ја фрламе уште пред да ја внесеме во нашиот организам. Со 3D принтањето, секој грам би се искористил, што ги намалува трошоците – многу важно и за земјите во развој, каде храната претставува проблем.

Извор: Izraeli Biz Reg, Digital Journal

Претходна статијаBaidu претстави два роботи и паметен звучник
Следна статијаГерманските возови од иднината ќе имаат дигитални вагони со играчки конзоли