et-jan30
Кога прстот покажува кон Месечината, будалата гледа во него место во неа. Освен E.T. Тој едноставно сака дома да оди.

Дали е поради тоа што не мирисаме убаво? Или поради тоа што веќе неколку десетици века не можеме да се договориме околу универзални етички норми кои ќе ги почитуваме? Или пак едноставно сакаат да си играат криенка со нас?

Очигледно е дека Фермиевиот парадокс важи: ако Сонцето и сончевиот систем се типични вселенски ентитети (а изгледа дека се), и ако Земјата е типична планета која се појавува во такви констелации (а изгледа дека е), тогаш би требало во текот на милион години целата галаксија веќе да биде пропатувана од вселенски цивилизации, па дури и Земјата да биде посетена.

Очигледно не е така, што го натера Ферми да се праша: „Кај (по ѓаволите) се сите?!“

Дали нè избегнуваат поради сосема друга причина?

aliens-ET
Нормално, сите вонземјани треба да бидат естетски многу чудни… или суперсекси (ви текнува на 7-од-9?)

Луѓето во својата егоцентричност постојано претпоставуваат дека вонземјаните, ако постојат, не сакаат да ги посетат поради нив самите. Демек, бидејќи сме биле катастрофа тие не сакаат воопшто да комуницираат со нас. Сепак, причината е можеби многу поедноставна и посурова.

Во најнова научна студија и анализа објавена од Адиќа Чопра и Чарли Лајнуивер се предложува дека всушност постои таканаречен период во кој животот се развива и живее, но потоа често се случуваат негативни и понекогаш катаклизмични настани кои го убиваат „на лице место“.

Такви примери се Марс и Венера. Тие можеби претходно имале макар почетна биолошка популација претставена од бактерии, но смената на условите на атмосферата предизвикала уништување на евентуалниот жив свет кој весело ја поминувал површината на планетите. Марс ја изгубил атмосферата и станал многу ладен, а Венера обратно – ја згуснала атмосферата, станала стаклена градина со урагани и огромна температура. Земјата, пак, од друга страна многу побавно ги менувала своите услови и затоа веројатно преживеал животот.

bottleneck
Големиот филтер

Ваквото менување на условите тие го нарекуваат Големиот филтер. Според нив животот можеби е чест на млади планети, но со смената на условите тој најчесто умира пред да може да се развие во понапредни форми – и да почне да праќа слики со голи припадници од спротивниот пол низ радиобранови низ вселената кои ние би можеле да ги откриеме.

Секако, Фермиевиот парадокс има неколку можни објаснувања. На пример, едно од најиздржаните е дека разни цивилизации во вселената имаат само краток период на испраќање електромагнетни зрачења, по што се префрлаат на кабелска технологија и започнуваат период на „радио тишина“, како ние што правиме во последно време. Со таков начин на развиток би било вистинско чудо да се погодиме и да примиме зрачења од некоја далечна цивилизација која можеби стигнала до таа точка пред 500 г. или пред 200.000 години.

alien___h_r__giger_pitch___by_adonihs-d2xjobm
Понекогаш ни е мило што не сме „контактирани“ од некој вонземски вид

Друго интересно објаснување е дека едноставно ние сме најразвиената цивилизација, а другите не ни стигнале до ова ниво да можат да праќаат сигнали. Ако е така, искрено ми е жал за нив бидејќи можеби некогаш во иднината ќе почнеме да им го шириме Исусовото предание и да им градиме цркви и џамии на секој чекор, а нивната култура и верувања ќе ги означиме како „примитивни“.

Така што можеби и подобро е што веројатно се изумрени пред да дојдеме и да ги „ослободиме“.

Дополнителни информации: Geek, Cnet

Претходна статијаNexDock е „празен лаптоп“, кој може да се користи со Continuum или мини компјутерски стикови
Следна статијаНов Wi-Fi стандард за времето на IoT уредите