converted_file_e9327fd8

Додека сè уште се тресе тлото и сè некако потсеќа на 1963-та година во Скопје, а стравот полека ви се качува во коски, Смартпортал неуморно работи. Работи и – ќе ви објасни што се земјотреси, што можете да правите во случај на земјотрес и како може технологијата да ви помогне.

Земјотрес – што е тоа?

Земјотрес е, како што кажува самото име, тресење на земјата. Во основа, секоја година се случуваат стотици илјади земјотреси насекаде низ Земјата, но највеќето од нив не ги ни осеќаме бидејќи се во рангот под 3 степен на Рихтеровата скала.

Причинителот на земјотресот може да бидат најразлични фактори, но најчесто се случува поради мрдање на земјините тектонски плочи кои се спојуваат, набиваат или одвојуваат и притоа прават движење на почвата. Во некои случаи се создава некоја комора во која потоа паѓа дел од некое блиско парче земја и тој пад се пренесува како сеизмички бранови низ копното, плашејќи луѓе на површината и терајќи ги да излегуваат по долна облека низ маало.

Слично може да се случи ако две плочи се судрат, судар кој може да се пренесе на површината. Земјотрес може да предизвика и вулканска активност т.е. лава која пробива низ почвата и предизвикува мрдање на земјата. Дополнително, земјотрес може да биде причинет и преку човечка активност. На пример, пред кратко време еден склад за оружје во Албанија се запали, а експлозиите се пренесоа дури до половина Македонија. Во Кина пак, во 2008 година поради човечки активности се случил земјотрес од кој загинале 69.227 луѓе!

А, што е со земјотресиве деновиве и дали ќе нè покоси?

Најверојатно – не.

Првиот земјотрес кој го осетивме во недела (и нè разбуди по бурна ноќ пиење и славење) беше со јачина од околу 3 степена по Рихтеровата скала. Силниот кој следеше попладнето беше со јачина околу 5,5 степена, па потоа следеше еден послаб од околу 3. Тие кои беа денес, понеделник, беа со силина од околу 3 – 4 степени.  Имаше сè на сè околу десетина земјотреси.

Се работи за екстремно краткотрајни земјотреси кои можат евентуално да ви го искршат порцеланот или мебелот од баба ви кој и така требаше да го замените пред една декада. Исто така очекувајте да ви падне понекое мече од полицата во постелата, мече на кое оддамна не сте му ја пружиле должната љубов.

Имајте предвид дека земјотресот во 1963-та година во Скопје бил со јачина од 6,9 на Рихтеровата скала, но траел 20 секунди. Од истата причина поради која е забрането марширање на мост се предизвикало рушење на 80% од цело Скопје во тоа време. Имено, колку подолго трае толку има поголема опасност зградите и почвата да влезат во резонанца која обично ја вмножува штетата далеку повеќе него ли што би била да не траел земјотресот толку или пак помеките делови на градбите да почнат да попуштаат под долготраен притисок надвор од тоа за што се предвидени.

Со оглед на тоа дека овие земјотреси траеа по максимум 3-4 секунди и се очекува такви и да останат, ако воопшто има нови, не верувам дека има некаква опасност по нас. Но… никогаш не вели никогаш!

Што да правите ако дојде земјотрес?

what-to-do-during-earthquake_1430115831e12

Пред да се случи самиот земјотрес, прочитајте го упатството на ИЗИС. За џабе не е издадено и напишано. Потоа препратете го на сите кои ги знаете. Човек во вакви моменти најдобро може да си помогне сам и на тие веднаш до него.

Сè зависи од вашата позиција. Ако се наоѓате во куќа, ако му верувате на архитектот и градежниците кои ја проектирале и граделе, и ако се наоѓате до носечки ѕид, најпаметно би било да легнете до ѕидот или до некој кревет кој е близу до него, во фетус поза, додека не завршат сите тресења. Потоа право надвор од куќата.

Во зграда веднаш дојдете до првиот носечки ѕид кој го знаете или до рамката на влезната врата во станот. Обично внатрешниот ходник на зградите е целиот направен од носечки бетонски платна и по теорија би требало да биде најиздржливиот дел од зградата. Ако земјотресот трае повеќе од 2-3 секунди, легнете доле во фетус положба, а со рацете покријте ја главата и вратот. Никако немојте да се симнувате по скали или лифт дури трае тресењето! Избегнувајте предмети кои можат да паднат врз вас, како на пр. полици со разни тешки и тврди предмети, ножеви и вилушки и слично.

Ако сте во возило, ако се работи за силен и долготраен земјотрес, застанете го возилото и оддалечете се што подалеку од околни згради кои би можеле да се срушат. Правилото кое треба да го запомните е да се оддалечите на растојание од околу барем два пати од висината на зградата. Или евентуално останете внатре во возилото, со пуштени сигнални трепкачи.

Ако сте надвор, нема повредени, нема штета и сте надвор од опасност, уживајте и пукајте сеир – цело маало и така ќе излезе за некоја минута надвор, возбудени и под адреналин. Некои од нив и ненашминкани, а тоа секако ќе биде смешно за гледање. Секако, ако има некој повреден бидете херој и помогнете му. Хероите се познаваат кога е тешко.

Тоа што останува е да проверите на некоја од следните апликации кои се „бават“ со земјотреси, и евентуално да пријавите што сте нашле:

Дополнителни информации: USGS, Geo.mtu.edu, ИЗИС, Радио Слободна Европа

Оставете коментар