Развојот на таканаречените егзоскелети не е нешто ново, а тие во повеќе форми веќе се користат, а посебно во медицината за помош на луѓето кои имаат потешкотии во движењето, како и за луѓето кои работат со голем товар.

Сепак, од тоа што сигурно дел од вас веќе го имаат видено, овие „машини“ се прилично големи и тешко може да се замисли нивно масовно користење во повеќе ситуации, а посебно надвор од околина каде има пристап до електрична енергија.

Тука доаѓа до израз новиот систем направен во соработка од повеќе научници од Harvard’s Wyss Institute for Biologically Inspired Engineering, John A. Paulson School of Engineering and Applied Sciences (SEAS) и University of Nebraska Omaha.

Нивниот систем којшто во основа е направен од кратки панталони, кабли и електро мотор со батерија кои се носат на грбот и половината, изгледа многу помал од било кој до сега и тежи само 5 килограми.

Тоа што посебно го разликува овој систем е што помага при пешачење и трчање, а алгоритмите успешно ја препознаваат промената. Според научниците, ова е напредокот којшто го имаат направено, нешто што не е постигнато кај другите вакви и слични системи.

Разликата која ја овозможува носењето на овој систем секако не треба да се помеша со таа во научно фантастичните филмови. Корисниците нема да можат да почнат да носат товар 10 пати поголем или да скокаат преку згради.

Системот овозможува намалување на енергијата која се троши при одредени активности, намалување кое е околу 9% за пешачење и околу 4% при трчање. Ова можеби не делува како многу, но може да направи разлика за голем број на активности.

Соодветно на ова, системот е замислен да се користи од страна на војската, спасувачки тимови, а секако и од страна на рекреативните планинари.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.