sddefault
Анти-сеќавањата го балансираат мозокот

На сите ни се случило нешто не многу важно да заборавиме или пак, да имаме чувство дека некои податоци не ги памтиме, а сепак дека ни се некаде во главата. Најновите наоди откриваат токму на кој начин и по кој невролошки пат истите функции влијаат на нашата способност да се потсетиме на одредени информации.

Невролозите од Универзитетот во Оксфорд, како и Универзитетскиот Колеџ во Лондон најдоа докази дека анти-мемориите (анти-спомените) навистина постојат и ова откритие спроведено на луѓе и објавено изминатиот месец во зборникот Neuron може да го промени досегашното перцепирање на неврологијата.

На овој начин се разоткриваат процесите што ги замолчуваат заспаните спомени. Порано научниците долго време го теоретизираа постењето на анти-мемориите од студиите спроведени на глувци и други модели. Научниците открија како нашиот мозок ги пренесува сеќавањата во долготрајната меморија. Анти-сеќавањата претставуваат балансирачки агент во мозокот – со што го ослободуваат нашиот ум од моментална преоптовареност. На видеото подолу може да дознаете точно на кој начин фунционира меморијата.

Доколку нашиот мозок го споредиме со компјутер, кога мемориските електрични импулси ќе го преоптоварат мозокот, се случуваат слични процеси како кога неколку програми работат истовремено на компјутер и ја прегреваат краткотрајната RAM меморија. Научниците веруваат дека преоптоварените неврони се причина за појава на многу невролошки нарушувања како епилепсија, шизофренија и аутизам. Анти-меморијата е таа што не дозволува тоа да се случи.

Анти-мемориите се исто така неврони што ја намалуваат електричната активност и работат заедно со мемориите со цел да го заштитат мозокот од „прегревање“. Анти-мемориите не ги попречуваат сеќавањата, туку само го стишуваат процесот на нивното преработување и складирање, за мозокот спокојно да може да извршува други функции. Истражувачите успејаа да го докажат постоењето на анти-спомените набљудувајќи ја мозочната активност на испитаниците.

antimatterch
Патеки на меморијата идентификувани во студијата

Волонтерите требале да меморираат форми и потоа нивната мозочна активност била набљудувана користејќи функционална магнетна резонанца (functional magnetic resonance imaging) – fMRI. Оваа процедура ја мери активноста на мозокот детектирајќи ги промените поврзани со протокот на крв. По некое време анти-мемориските неврони започнале да функционираат и ги блокирале мемориите на формите. „По 24 часа, асоцијациите на формите во мозокот станаа тивки“- истакна главниот автор на студијата Д-р Хелен Барон (Helen Barron). Она што е најинтересно да се напомене е дека тие не изгледале како додатни мемории, туку како недостаток на мозочна активност. Сепак, тие се активни на истата невролошка патека.

На второво видео може детално да се проследи објаснувањето на разоткривањето на латентните инхибиторни конекции во човечкиот кортекс за да се откријат хибернираните кортикални спомени. „Прецизниот баланс помеѓу возбудата и инхибицијата (спречувањето на некој сетилен поттик или на друга душевна состојба потсвесно или со помош на волјата) е клучен за здрава функција на мозокот. Кога овој баланс е нарушен тоа доведува до разновидни психијатриски состојби. Но, кај здравиот мозок овој баланс е рутински нарушуван за време на учењето и формирањето на меморијата“ – објаснува Д-р Хелен Барон.

 

Според истражувачите постојат неколку причини зошто асоцијациите биле избледнати. Една од причините е ребалансирањето на мозокот, а друга причина е нивното заборавање. Следниот ден испитаниците биле тестирани за да се потврди дека замолчувањето било последица на ребалансирањето. Доколку сеќавањата се присутни, но замолчени од страна на инхибиторните реплики, научниците сметале дека возможно би било повторното повикување на тие сеќавања преку потиснување на инхибиторната активност.

Здравата мозочна функција е резултат на здравата интеракција помеѓу два типа на мозочни клетки: стимулациски и инхибиторни неврони. Стимулациските неврони ја возбудуваат електричната активност во нашите мозоци, додека пак инхибиторните неврони ја потиснуваат таа активност. Додека ова се само прелиминарни резултати, тие сепак можат потенцијално да ја револуционизираат неврологијата. Голем број на психолошки нарушувања започнувајќи од шизофренијата, па се` до аутизмот – се верува дека се предизвикани токму од асиметричната електрична активност во мозокот. Ова откритие е многу важно затоа што може да поттикне и да претставува матрица за голем број на нови истражувања за начините на спречување и лекување на овие нарушувања.

Извори: NeuronBigthink, Sceincealert, Egadget, Theconversation

Претходна статијаHTC официјално го претстави Desire 830 со 5,5 инчен дисплеј и BoomSound звучници
Следна статијаSamsung ги претстави новите Galaxy A3 и А5 телефони со луксузен изглед и просечни перформанси