При крајот на мај оваа година, SpaceX официјално ја започна првата фаза од нивниот Starlink проект. Преку овој проект од компанијата планираат да овозможат интернет пристап на целата планета, а посебно на места каде што тој е недостапен или слабо достапен.

Крајната цел и мотивација за започнување на проектот е финансирање на компанијата и нејзините идни мисии, меѓу кои секогаш најпозната и најамбициозна е мисијата на Марс.

Starlink треба да има повеќе илјади сателити кои ќе орбитираат на висина од околу 550 километри, а првата фаза вклучи 60 од нив кои треба да бидат еден вид на тест пред лансирањето на останатите.

Бројот на сателити е толку голем што астрономите искажаа загриженост, а посебно што SpaceX не е единствената компанија која планира вакво нешто, за влијанието кое големиот број на сателити во нешто пониска орбита ќе го имаат на можноста за набљудување на небото од Земјата.

После повеќе од месец дена од лансирањето на сателитите, информациите од SpaceX кажуваат дека 45 од сателитите се имаат наместено на својата позиција и висина според планот, 5 се’ уште се местат, додека дополнителни 5 се тестираат пред да бидат наместени на потребната позиција.

Исто така, се планира 2 сателити да бидат вратени назад во атмосферата со цел да се тестира ваквата процедура кога сателитите ќе дојдат до крајот на своето функционирање.

Од оваа бројка остануваат уште 3 сателити со кои SpaceX нема комуникација и не се планира да се има во иднина, односно овие сателити се сметаат за изгубени. Тие ќе продолжат да кружат околу Земјата, меѓутоа без комуникација нема да ја прилагодуваат својата позиција, што со тек на време ќе ги однесе во атмосферата каде се очекува да изгорат, а можеби и делови од нив ќе паднат до површината.

Според некои од коментарите на професори од универзитети, ова што се случува не е баш прифатливо. Потребен е поголем процент на функционирање на сателитите, посебно кога ќе се земе во предвид вкупниот број којшто се планира, што може да значи стотици нефункционални сателити во орбитата, место кое веќе се смета за преполно со вселенски отпад.

Сепак, процентот се смета за доста висок во споредба со други слични лансирања, а од SpaceX планираат и да го подобрат до периодот на следните лансирања.

Инаку, во периодот што следи треба да се започне со тестирање на сигналот од сателитите и нивната способност да пренесуваат интернет пристап. За разлика од порано, овие сателити треба да пренесуваат брз интернет, па тие и соодветно ќе се тестираат со стриминг на видео и игри.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.