Користејќи шуплив ласерски зрак, тимот на професорот Вјешлав Кроликовски од Истражувачкото школо за физика и инженерство при Националниот Универзитет на Австралија успеал да постигне движење на микроматеријал на далечина од 20 сантиметри. Но за разлика од стандардниот начин на удирање на материјалот со фотони овој пат тие го постигнале ова движење со топлинскиот ефект од ласерот.

Тимот испалил шуплив ласер со кој почнале да придвижуваат минијатурни објекти од шупливо стакло кои се обложени со злато. Кога ласерот се допира до атомите на златото тоа ги загрева, при што околните молекули на воздухот кога се допираат до загреаното место се одбутнуваат посилно а со тоа го одбутнуваат и самиот објект. Тимот успеал и да ги контролира брзината и правецот на патување на објектите преку контрола на поларизацијата на самиот ласер и лесно менување од еден тип до друг (на пример, од ѕвездест во прстенест вид на поларизација), со што постигнуваат да се загрева посакуваната површина на минијатурните објекти.

Потенцијалите за употребата на оваа техника се интересни бидејќи со истата може да се оствари заробување на честички кои го загадуваат воздухот или за прибирање на мали честички како примерок кога не можат да се дофатат на друг начин. Исто така не би било тешко да се замисли нејзината употреба во воени цели за придвижување на мали објекти до големи брзини. Коавторот на истражувањето Д-р Владлен Шледов исто така вели дека поради тоа што немале доволно простор во лабораторијата не успеале да демонстрираат како оваа техника може да работи и на далечини од неколку метра.

Извор: CNet

Претходна статија10-те најбарани функции за Windows 10
Следна статијаВодич за заштита на дигиталната приватност