mars_cropped

Во последно време сведоци сме на скоро хистеричната опсесија со Марс. Зошто да не би биле? Се работи за планета која е многу слична на нашата, се наоѓа на слична далечина, со слична големина на денот, со двојно поголема година, со замрзната и течна вода на површината. Марс е планета која би можела релативно „лесно“ да се тераформира во погодна за човечки и растителен живот.

Токму затоа некои вселенски ентузијасти како Стивен Хокинг или Елон Маск се ангажираат околу остварување на првата човечка мисија, а потоа и првата населба на оваа планета. Од друга страна, предизвиците кои треба да се премостат се огромни за ова да се оствари и изгледа дека ентузијастите како нив само ги мислат (или кажуваат) позитивните придобивки од мисијата на Марс.

Според Ману Саадиа, колумнист на страната Fusion, остварувањето на населба на Марс е се` уште практично невозможно. Тој вели дека за да се создаде град на Марс (како според замислата на Маск) потребни се некои предуслови кои на планетата не постојат. Историски, градовите настанувале бидејќи претставувале спојки меѓу различни човечки населби (помали населби и села) овозможувајќи мешање на идеите, спојување на поголем број луѓе и остварување на нивните потреби (на пример, зголемување на обемот на пазарот на кој можеле да продаваат и купуваат производи).

Ваквата придобивка од градовите практично нема да постои на Марс, барем не со првата населба/град. Оваа населба нема да биде поврзана на значаен начин со било која друга населба на Земјата и ќе треба да се осврне на себеси пред се`. Патувањето на сигналот од Земјата до Марс е во најдобар случај 4 минути, а во најлош околу 20 што значително ги отежнува комуникациите и ќе придонесе за фактичка маргинализација на првата населба.

Понатаму, околинските услови на Марс не се воопшто прифатливи за човечка населба. Да, ние можеби пронајдовме течна вода, но до нејзе засега не смееме ниту да се приближиме, а не се знае дали воопшто ќе може да се користи. Сепак, да претпоставиме дека ќе може. Атмосферата засега е направена во главно од јаглероден диоксид, но тој е многу редок што оневозможува вистинска заштита од штетни сончеви зрачења (постојат начини ова да се надмине, на пример со предлогот на Маск).

Ова не значи дека создавање на минијатурна марсова населба наменета за научни истражувања е невозможна. Веќе имаме искуство со вакви населби на Антарктикот. Сепак, за поголема и позначајна населба на оваа планета веројатно ќе треба да се почека подолго време, доста подолго од што ни покажува ентузијазмот на Маск, Хокинг, NASA и другите.

Сепак, ние остануваме оптимисти дека човештвото кога-тогаш ќе го постигне овој значаен чекор во својата историја (и нема да се самоуништи во меѓувреме).

Извор: Fusion – 1, 2

Претходна статијаGoogle го претстави Accelerated Mobile Pages – Проект за побрзи мобилни веб страни
Следна статијаMicrosoft го претстави Band 2