515px-Sirolimus.svg
Структурален дијаграм на рапамицин

 

На темата стареење имаме пишувано и претходно, кога ги обзнанивме резултатите на истражувачот Давид Синклер. Повеќето луѓе би преземале многу работи за да го зголемат својот животен век и неговиот квалитет. Но, покрај земањето на Витамин Д, редовната умерена вежба, редовниот сон и здравата исхрана, изгледа дека немаме многу што да преземеме за да станеме бесмртни (барем се` уште). На помош доаѓаат научниците кои активно се ангажирани во борбата против стареењето.

Научниците од Њу Индикејшнс Дискавери Јунит при Новартис институтите за биомедицински истражувања извеле експеримент со изменета верзија на лекот рапамицин. Тие редовно им давале инјекции со изменетиот рапамицин на луѓе постари од 65 години по случаен избор, по што им инјектирале и вакцина за грип. Кај тие луѓе на кои им бил даден рапамицин се појавила до 20% посилна имунитетна реакција на вакцината, што е индикативно дека постои начин да се зголеми имунитетот кај постарите луѓе и да се намалат ефектите на стареењето како и смртноста од разни болести како грип.

Рапамицинот работи така што го блокира т.н. мТОР, серин/треорин протеинска киназа која го регулира растот на ќелиите, нивното размножување, нивната подвижност, преживување, синтеза на протеини и транскрипција. Додека организмот е млад и се развива мТОР има позитивен ефект врз растот и развитокот на ткивата, но кога организмот почнува да старее тој има негативен ефект и го забрзува стареењето. Блокирањето на истиот изгледа како една од можните варијанти за забавување или уништување на стареењето.

Сепак, не се препорачува да се зема рапамицин пред да се потврди неговиот клинички ефект во контролирана долготрајна студија. Дополнително, немаме сознанија како истражувачите го имаат изменето за нивното истражување, бидејќи рапамицин сам по себе има и негативни ефекти.

Извор: MedicalXpress

Претходна статијаSamsung претстави нова верзија од Note 4 со Snapdragon 810
Следна статијаИдо Бакелет – Научникот кој најавува човечки опити на лечење рак со нанороботчиња во 2015 г.