Научници од King’s College во Лондон откриле дека еден од лековите кој се користи за клинички третман на Алцхајмерова болест, може да им помогне на забите самите да се регенерираат од внатрешноста, што долгорочно може да доведе до искоренување на појавата на кариес.

Кога ќе напукне забната глеѓ или ќе се отвори дупка во глеѓта, пулпата која се наоѓа во внатрешноста се изложува на влијанијата во устата и може да се инфицира, што придонесува до забоболка. Во тој случај матичните клетки содржани во пулпата создаваат тенок слој дентин, тврд материјал кој се наоѓа под глеѓта и ја спречува појавата на инфекции.

Овој одбранбен систем е неефикасен при големи повреди, поради што треба да се посети стоматолог, кој механички ја отстранува оштетената глеѓ и го пополнува забот со инертен материјал, обично цемент или силикон. Ваквиот третман долгорочно го ослабува забот, кој после повеќе третмани се умртвува и може да се појави потреба забот целосно да се отстрани.

Според една студија објавена на Scientific Reports тим научници успеале да го поттикнат развојот на матични клетки со помош на молекулот Tideglusib, кој се користел како лек во клинички третмани за Алцхајмерова болест.

Тие користеле биоразградливи сунѓери натопени со мали дози од лекот, кои ги нанесувале на оштетените катници на глувчиња. По шест недели, сунѓерите целосно се распаднале, а забите успеале да развијат нов дентин на оштетеното место.

Истражувањето открило и дека Tideglusib го неутрализира влијанието на ензимите што вообичаено го спречуваат развојот на дентинот. „Овој лек е веќе докажан и одобрен клинички и е масовно достапен, вклучувајќи ги и биоразградливите сунѓери. Намерно се трудевме да направиме нешто што е навистина едноставно, брзо и евтино. Фактот што лекот е докажан во клинички истражувања претставува вистинска можност за овој третман побрзо да се достави до стоматолошките ординации.“ изјавил Paul Sharp, авторот на студијата.

Засега, оваа техника е испробана само кај глувчиња. Тимот планира да ја тестира истата и на стаорци, кои имаат поголеми катници и поголеми кариеси, пред да се префрлат на човечки испитаници. Можеби е сé уште рано да побарате третман на матични клетки од вашиот стоматолог, но научниците се надеваат дека едноставноста на третманот набрзо ќе ги натера стоматолозите да го заменат инвазивниот третман со оваа регенеративна процедура.

Претходна статијаТрка на автономни возила завршила со судар
Следна статијаПротекоа фотографии од X10, новиот смартфон од средно-високата класа на HTC