brain-memory-1

Научниците веруваат дека во блиска иднина на лицата со изгубена меморија ќе може да им се помогне со помош на електронски имплант. Делот од мозокот одговорен за претворањето на краткотрајните мемории во долготрајни мемории е наречен хипокампус. Нашите првични сеќавања претставуваат електрични бинарни кодови што се филтрирани во хипокампусот кон друг дел од мозокот каде што се долготрајно чувани.

Лицата со епилепсија или Алцхајмерова болест најчесто имаат проблеми со нивниот хипокампус. Кај лицата со мозочни оштетувања настанати од мозочен удар или повреда исто така може да дојде до губење на меморијата. Нарушените невронски мрежи во овој дел од мозокот често пати го спречуваат формирањето на долгорочните спомени.

Д-р Теодор Бергер проучува на кој начин невроните формираат сеќавања.
Д-р Теодор Бергер проучува на кој начин невроните формираат сеќавања.

Со цел да им се помогне на тие пациенти и покрај потсмевот и критиките од некои негови колеги, биомедицинскиот инженер и невролог професорот Д-р Тоедор Бергер (Theodore W. Berger) од Универзитетот во Јужна Калифорнија во Лос Анџелес, повеќе од две децении работи на изградбата на вештачки хипокампус напојуван со батерии што ја враќа и зајакнува мемориската функција. Меморијата е „серија од електрични импулси кои со текот на времето се генерирани од страна на даден број на неврони“ – истакнува тој.

Д-р Бергер заедно со неговиот тим овој експеримент до сега го имал пробувано на животни и тоа стаорци и мајмуни. Експериментот се состоел од тоа што на претходно издресираните мајмуни им бил покажуван знак што тие требале да го запомнат, а потоа да го препознаат.

hipokampusi

Следен чекор од студијата било попречување на работата на хипокампусот со помош на кокаин, а потоа мониторирање на мозокот. Научниците пробувале да откријат каков вид на електричен код користи префронталниот кортекс на мајмуните за краткотрајната меморија на знакот што тие морале да го запомнат за само околу 30 секунди.

Експериментот покажа дека силиконскиот чип надворешно поврзан со мозокот на мајмуните со помош на електроди можел да ги преработува инфомациите исто како вистинските неврони. „Ние не ги ставаме индивидуалните мемории  повторно во мозокот. Ние ја враќаме способноста за создавање спомени“ – објаснува Д-р Бергер. Заедно со неговиот тим тој кај заморчињата успеа и да ги врати долготрајните сеќавања од делот од мозокот во кој се чувани.

microchip

Силиконскиот имплант на Д-р Бергер е дизајниран да го имитира процесирањето на сигналот што тие неврони го прават кога функционираат правилно – она што ни овозможува да се потсетиме на искуствата и знаењата за повеќе од една минута. Професорот сака да ја врати способноста за создавање на долгорочните спомени со вградувањето на овие импланти во мозокот. Неодамна Д-р Бергер започна овој експеримент да го спроведува по клинички пат, односно до сега врз само осум пациенти со тешка епилепсија со пречки во хипокампусите.

Резултатите се позитивни и тој е уверен дека за само неколку години овој начин на „копирање на мемориите“ со помош на протетскиот имплант многу ќе напредне. „Сметам дека ќе откриеме модел што ќе биде добар  за многу состојби и можеби за повеќето состојби. Целта е да се подобри квалитетот на животот за некој што има сериозен дефицит на меморијата. Доколку јас им ја дадам можноста да формираат нови долготрајни сеќавања за половина од состојбите со кои луѓето живеат, јас ќе бидам пресреќен како и многуте пациенти“ – заклучува Д-р Бергер.

Извори: TheNextWeb, Technologyreview

Претходна статијаFBI ќе може да го отклучи фамозниот iPhone без помош од Apple
Следна статијаПрви фотографии од џојстикот на новиот Nintendo NX?