Кога би ве прашале да ги наредите 9-те планети од Сончевиот систем, би завршиле со … Уран, Нептун и… Плутон? Иако вака нè учеа во основно школо, сепак, Плутон не е 9-тата планета од нашиот ѕвезден систем бидејќи беше прогласена за џуџе-планета и со тоа избркана од елитниот клуб на „вистински“ планети.

Деветата планета се наоѓа далеку зад Плутон и засега е наречена Планета Х. Нејзината големина е приближна со големината на Нептун, а се наоѓа толку далеку што не можеме да ја видиме со телескоп или голо око. Сепак, нејзиното гравитациско поле предизвикува пореметување на патеката на движење на најразлични објекти во Кајперовиот појас и така беше откриена пред некое време.

Сега научникот кој ја „откри“, Мајк Браун, вели дека има уште докази за нејзиното постоење. Се работи за уште еден објект од Кајперовиот појас кој се движи чудно и со тоа соодветно на објект кој под влијание на Планета Х бил изместен од својата патека.

За жал потрагата по електромагнетна слика од Планета Х сè уште не е почната, но се очекува да започне во текот на оваа година. Впрочем, со нејзината брзина на ротација околу Сонцето од 10 до 20 илјади години, нема баш каде да оди и би требало да биде релативно лесно да се лоцира во вселенското пространство, сега веќе кога имаме укажувања за нејзината патека и локација.

Според проф. Браун шансите откривањето на новиот објект под влијание на Планета Х да биде статистичка грешка е под 0,001%, што е навистина ниско. Сепак, тој признава дека не направил вистинска статистичка анализа и дека ова е негова претпоставка.

Како и да е, тој силно верува во постоењето на оваа планета и нејзината улога во Сончевиот систем. Таа веројатно ќе се открие со програмата OSSOS (Outer Solar System Origins Survey), која е изведена со огромна антена-телескоп изграден во соработка меѓу Канада, Франција и Хаваи и со намена да ги испитува објектите од надворешниот Сончев систем.

Уште еднаш – добредојде за Планета Х и се надеваме дека соодветно ќе го замени Плутон во нашето друштво. И те замолуваме при следното поминување да не нè уништиш.

Дополнителни информации: The Verge 1, The Verge 2, Phys.org

Претходна статијаКоја положба на телото е најдобра за работа?
Следна статијаXiaomi Mi Note 2 ќе има Snapdragon 823 процесор и 6 GB рам меморија?