brain-meditation

Придобивките од медитацијата се навистина многубројни. Со медитација секој индивидуално го добива она што му е потребно и она што го бара, а не може да го најде во реалноста на поинаков начин со конвенционални медицински методи.

Медитацијата претставува терапевтска и спиритуална практика со чија помош луѓето го вежбаат својот мозок, односно вежба за немислење – таа е поглед кон душата, т.е. кон нашата внатрешност. Медитацијата помага да се постигне блажена ментална состојба на повисока свесност и фокус на сегашниот момент, смирено прифаќање на себе, на сопствените чувства и промена на погледот на светот.

И покрај тоа што оваа техника е навистина древна и прастара, до сега многу малку научни истражувања се спроведувани на оваа тема или пак, врз мал и неразновиден примерок од испитаници, а понекогаш и без контролни групи.

Сепак, искуството потврдува дека придобивките од медитацијата се навистина многубројни. Таа во никој случај не може да наштети, а може многу да им помогне дури и на најскептичните кои сметаат дека тоа е само залудно потрошено време.

Таа го намалува стресот, а со самото тоа и ризикот од појава на разновидни болести. Со медитација секој индивидуално го добива она што му е потребно и она што го бара, а не може да го најде во реалноста на поинаков начин со конвенционални медицински методи.

Медитацијата го регенерира мозокот

Со помош на медитација ја активираме и влијаеме врз потсвеста, како и на целиот мозок т.е. на сите центри кои во нормални услови не се активни. Ова ја објаснува мистериозната и чудесна појава како луѓето низ медитација и после медитација, во најнеочекуван момент добиваат одговори на прашања и дилеми што ги мачеле со години. Медитацијата ги стабилизира мозочните сигнали и ја поттикнува интуицијата.

12421714_10207855791969232_1338970749_n

Најпросто објаснето медитацијата е спорт за мозокот, слично како што физичките активности го вежбаат телото. Сепак, слично како што вежбањето на телото влијае и на расположението, односно и на психичкото здравје, исто така и медитацијата влијае на здравјето на телото, не само на здравјето на мозокот. Медитацијата исто така може да ве направи поинтелигентни со тоа што допринесува двете хемисфери од мозокот да се активни истовремено, ја подобрува краткотрајната и долготрајната меморија, го зголемува волуменот на мозокот, а исто така ја подобрува емоционалната интелигенција (EQ).

Медитацијата не’ прави посреќни

Популарна е изреката дека кога Буда бил прашан: „Што доби од медитацијата?“, тој одговорил: „Ништо!“. Потоа продолжил: „Дозволете ми да ви кажам што изгубив: Гнев, Анксиозност, Депресија, Несигурност, Страв од старост и смрт“. Расеаноста предизвикува анксиозност. Анксиозноста предизвикува панични напади. Нападите на паника предизвикуваат депресија, а депресијата е причина за несреќен живот, па дури и самоубиство. Со помош на медитација го балансираме целиот организам и учиме како да влијаеме врз нашата среќа.

Колку повеќе ја применуваме оваа источна практика во нашето секојдневие, толку помалку негативни мисли имаме во главите, прифаќаме се` како што е, се здобиваме со повеќе разбирање кон себе и нашето опкружување и учиме како да уживаме и во најтешките моменти. Потребни се дури 17 секунди за да се поништи една негативна мисла, а негативните мисли се лепат една на друга со неверојатно темпо. Медитацијата е извонредна и бесплатна алатка што може да се користи секаде и во секое време за промена на фокусот на гледиште од лошо кон добро, односно гледање на добрата страна на нештата и наоѓањето на убавината и во најгрдите работи.

ih_150213_brain_meditation_800x600

Лажна свесност?

Една од потешкотиите во истражувањето на придобивките од медитацијата бил плацебо ефектот. Научната студија објавена изминатиот месец во зборникот Biological Psychiatry ја потисна научната ригидност докажувајќи дека за разлика од плацебо ефектот, секојдневното фокусирање на мислите се` до состојба на немислење – може да го промени мозокот на обичните луѓе и засекогаш да го подобри нивното здравје.

Главниот автор на студијата Д-р Дејвид Џ. Кресвел (David J. Creswell) кој е вонреден професор по психологија и директор на the Health and Human Performance Laboratory при Универзитетот Карнеги Мелон, во соработка со експерти од повеќе универзитети, успеал да постигне „лажна свесност“. Група од 35 испитаници од двата пола, кои моментално се соочувале со стресот од невработеноста, била поделена на два дела. Едниот дел од испитаниците имале курс за формална медитација за свесност, додека останатиот дел од волонтерите правеле лажна медитација за свесност, фокусирана само на релаксација и оттргнување од грижите и стресот.

На крајот од неколкудневниот експеримент двете групи се пофалиле со полесно справување со стресот предизвикан од нивната финансиска ситуација. Но, нивните мозочни скенирања покажаа дека само оние кои вистински медитирале имале промена во мозокот, односно зголемена комуникација и активност помеѓу разните центри во овој орган.

Научниците се` уште точно не знаат на кој начин медитирањето влијае врз нашиот мозок и општата благосостојба и која е потребната длабочина и времетраење на медитацијата за да се спречат и излечат одредени заболувања. Додека го чекаме теоретското научно образложение на ова прашање, можеме да се обидеме одговорот да го дознаеме низ секојдневна медитација од само неколку минути.

Извор: NYTimes, EOC Institute, ScienceDaily

Претходна статијаОтсега ќе можете да го искусите “Star Trek Holodeck” на HTC Vive
Следна статијаНа Build 2016 ќе има интересни новости за живите плочки и известувања во Windows 10