Ветеринари при Универзитетот во Калифорнија откриле дека изгорениците со кои се здобиле дивите животни за време на катастрофалните пожари во декември минатата година зараснуваат во рок од само неколку недели, благодарение на едно необично решение – рибина кожа место завои и фластери.

Кога Џејми Пејтон, шеф на Службата за Интегративна Медицина при Универзитетот во Калифорнија, прв пат била повикана да се грижи за двете црни мечки кои биле пронајдени со изгореници од трет степен, таа се обидела со редовниот третман  – чистење на изгорениците, отстранување на мртвото ткиво и премачкување со масти. Но другите два важни чекори во рехабилитацијата на овие животни – промена на завоите и контрола на болка – биле многу отежнати кај нејзините пациенти, кои не можат да бидат во присуство на луѓе ако не се успијат претходно.

Тогаш се сетила на една вест од Бразил, каде научници искористиле стерилизирани кожи од рибата тилапија за да третираат изгореници кај човечки пациенти. Исто како при нанесување на ткива од луѓе и свињи, кожата од тилапија е влажна и пренесува колаген, протеин кој е неопходен при заздравување на рани. Кожата е нуспродукт од рибната индустрија, а со тоа е и поевтина. Бразилските научници изјавиле дека ваквиот третман го забрзал процесот на заздравување кај нивните пациенти и ја намалил потребата од лекови против болки.

Дополнителна предност на рибината кожа е што може да стои на раната повеќе денови и нема штета ако пациентите решат да ја изедат. За да го прицврсти лушпестиот завој, Др Пејтон искористила уште две други супстанци кои можат да се јадат – оризова хартија и лушпи од пченка.

Сите три пациенти  – двете мечки и 5-месечниот планински лав кој бил пронајден со истото ниво на повреди – напредувале доволно добро, што ги убедило ветеринарите да ги пуштат пациентите повторно на слобода кон средината на јануари.

ИЗВОР 2Science Alert
Претходна статијаCrash Bandicoot се враќа со ново продолжение во 2019
Следна статијаЦена, нови слики и позадината од Galaxy S9 моделите