Истражувањето на антиматеријата е најверојатно едно од поинтересните истражувања за кои може да се прочита. Тоа посебно е така затоа што науката на овој план е прилично „млада“, па во главно првите тестирања започнуваат од деведесеттите години од минатиот век. Сите истражувања во оваа област не учат за универзумот којшто, иако мислиме дека доста го познаваме, дури сега почнуваме малку да го разбираме.

Антиматеријата според теориите, но и според сега веќе достапните истражувања е во основа иста како и „нормалната“ материја. Таа се разликува по одредени карактеристики кои се спротивни од обичната материја, па поради тоа и се нарекува антиматерија, но и поради тоа што двата вида на материи се уништуваат доколку дојдат во допир една со друга.

Спротивноста на антиматеријата се гледа во, на пример, позитивно наелектризираните електрони, кои кај обичната материја се негативно наелектризирани.

Разлики помеѓу двата вида на материи постојат и други, меѓутоа науката до тука има успеано да истражи, па останува мистеријата на тоа зошто антиматеријата има исчезнато од универзумот, иако се верува дека при настанокот на истиот, биле присутни двата вида на материи. Се разбира, сето ова се теории, а може да се дискутира најмногу за карактеристиките кои се со експерименти докажани.

Научниците од CERN овој месец сакаат да спроведат експеримент којшто во главно само кај нив е можно да се изведе, а е поврзан со антиматеријата. За таа цел ќе се користи таканаречен детектор чиј што развој е започнат уште во 2013 година. Наречен ALPHA-g, детекторот е изработен во Канада и донесен оваа година во CERN.

Експериментот научниците ќе мораат брзо да го направат поради закажаното одржување на CERN кое ќе ги исклучи сите експерименти во наредните години.

Тоа што научниците во овој случај сакаат да го направат, едноставно кажано, е ефектот на гравитацијата на Земјата, на антиматериски честички. Дали тие ќе се однесуваат исто како и обичната материја, односно дали гравитацијата ќе ги повлече надоле или тие ќе имаат спротивен резултат, па ќе „паѓаат“ нагоре.

Според досегашните теории за антиматеријата, мали се шансите да оваа материја има спротивен ефект од обичната материја кога е во прашање гравитацијата. Меѓутоа, научниците се надеваат дека сепак ќе може да се докаже токму тоа што не се очекува.

Причината за тоа сигурно можете да си ја замислите. Повеќето научно фантастични филмови веќе ги имаат прикажано повеќето примени во науката доколку се открие таканаречената „антигравитација“.

Научниците ќе можат, некогаш во иднина се разбира, да креираат посебни гравитациски полиња, а можеме само да замислиме што сето ова ќе значи и за вселенските патувања.

Повеќе информации на оваа тема можете да прочитате на страната од CERN на овој линк.

ИЗВОРForbes
Претходна статија17-то издание CINEDAYS – Фестивал на европски филм
Следна статијаПретставен првиот смартфон/таблет со екран на превиткување
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.