Samsung денес ги претставува Galaxy S9-ките – следете го настанот во живо

На ден пред официјалниот почеток на MWC 2018 саемот за мобилни телефони и технологија, кој се одржува традиционално во Барселона, Samsung ќе го одржи својот познат настан Unpacked. На овој настан, којшто ќе започне во 18:00 часот според македонско време, Samsung ќе ги претстави новите модели од S серијата, Galaxy S9 и Galaxy S9+.

Како и обично, голем број на информации за уредите излегуваа во јавноста, па во главно веќе знаеме што може да очекуваме. Samsung и самите излегоа со неколку најави кои акцентот го ставаат на камерите на уредите. Она што се очекува е да поголемиот модел дојде со двојна камера, па истата сигурно ќе биде голем дел од претставувањето.

Што се однесува до останатите карактеристики, новите S9-ки нема да бидат многу поразлични од нивните лански претходници. Променети ќе бидат се разбира процесорот, меморијата и слично, но дизајнот ќе остане во главно ист.

Главните новини кои се очекуваат, а беа дел од неофицијалните информации се следните:

  • Новини поврзани со камерите
  • Промена на дизајнот на emoji иконите, како и воведување на 3D Emoji
  • Нов комбиниран систем за отклучување на уредот
  • Qualcomm Snapdragon 845 чипсет, односно Samsung Exynos 9810

Но, веќе нема зошто да шпекулираме и претпоставуваме какви ќе бидат телефоните, тоа ќе го дознаеме за нешто помалку од 3 часа. Сигурно повеќето од вас, како и ние, со нетрпение го чекате настанот, а истиот како и обично ќе биде пренесуван во живо.

Покрај информациите коишто навремено ќе бидат достапни на Смартпортал, настанот во живо можете да го гледате преку следниот линк, како и преку официјалниот YouTube канал на Samsung.

Во исчекување на претставувањето, ќе го поминеме овој неделен и снежен ден одморајќи до лаптопот.