По успехот на средношколците на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Баку на почетокот на овој месец кои донесоа 2 бронзени медали, континуитетот на успешни претставувања на Македонија на информатичките олимпијади од последниве десетина години го продолжуваат и јуниорите – ученици на возраст до 15,5 години. Од 13-тата по ред Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2019), која од 23-ти до 29-ти август се одржува во Марибор, Словенија, македонскиот тим, составен од натпреварувачите Тео Китановски, Атина Рувинова, Иван Занов и Сара Стефановска, раководени од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), се враќа со освоен сребрен медал. Учениците од тимот беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), а оваа година се одржуваше по јубилеен 30-ти пат. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи

На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваат тимови составени од најмногу четири натпреварувачи, од следните десет балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија, Словенија и Турција. Во оваа мошне силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои 14-годишниот Тео Китановски од Скопје.

Заедно со ЈБОИ 2019, во Марибор, Словенија, се одржува и 3-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2019). Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст (до 15,5 години) во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски млади таленти на оваа возраст да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето. Секоја земја на ЕЈОИ учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

На ЕЈОИ 2019 учествуваат вкупно 90 ученици од 24 европски земји. Балканските земји, кои истовремено учествуваат и на двата паралелни настани (ЕЈОИ 2019 и ЈБОИ 2019), се претставени со истиот тим и на едниот и на другиот настан. Во исклучително силната конкуренција, покрај сребрениот медал на ЈБОИ 2019, македонскиот тим освои и еден бронзен медал на ЕЈОИ 2019. Освојувач на медалот повторно е ученикот Тео Китановски. Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека младите ученици од Македонија поседуваат знаење со кое што може да се носат рамо до рамо со своите врсници од цела Европа, па и пошироко. 

Следната, 14-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2019) ќе се одржи идната година во Никозија, Кипар.

Веб страна за настанот: https://www.ejoi2019.si/.

Претходна статијаМакедонија со два бронзени медали на Интернационалната Олимпијада по Информатика во Баку, Азербејџан
Следна статијаРекордна пред-продажба на Galaxy Note10 смартфоните во Европа која го надмина бројот на продадени Note9 уреди