Денес, 19 септември 2019 година, во Скопје, Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа Форум за стимулирање на растот на работната сила во ИКТ индустријата. Целта на настанот беше да се презентираат и дискутираат тековните предизвици поврзани со деловната клима за ИКТ секторот и да се идентификуваат потенцијалните мерки во областа на социјалните придонеси, даноците, работната сила и образованието што ќе го стимулираат растот на работната сила во ИКТ.

„МАСИТ активно се справува со сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат ИКТ компаниите во нивното секојдневно работење. Овој настан е организиран како одговор на потребите на компаниите за понатамошно подобрување на деловната клима за ИКТ секторот и за стимулирање на растот на работната сила во ИКТ. Се надеваме дека овој настан ќе ги потенцира најважните предизвици со кои се соочуваат ИКТ компаниите и ќе придонесе за создавање на конкретни предложени мерки за подобрување на деловната клима за ИКТ компаниите преку поддршка на растот на ИКТ работната сила “, истакна г-ѓа Билјана Прличкова, оперативен директор на МАСИТ.

Проектот презеде активна улога во поддршка на ИКТ секторот преку застапување на повеќе важни предлози:

Стимулирање на инвестиции во работната сила:

  • даночни признавање на направени трошоци во подобрување на работните услови (спорт и рекреација, team-building, одмор , здравствени прегледи, грижа за деца и сл.)
  • дополнителни даночни ослободувања за трошоци за едукација
  • даночни поттикнувања за донации во образование (по примерот на донациите во спортот) за стимулирање на вложувања во преквалификација и доквалификација на работната сила

Ограничување на максимална основица за придонеси:

  • 90.000 бруто 50% повисока од просечно исплатената во ИКТ индустријата во 2018 година

Работни односи дефинирани по мерка на ИКТ индустријата:

  • работа надвор од просториите на работодавачот
  • флексибилност за мерење/исплата по учинок
  • електронска комуникација работодавач/работник

Форумот овозможи голем број на претставници на приватниот сектор да ги дадат своите забелешки, да ги објаснат своите предизвици, како и да дадат придонес за подобри решенија кои ќе бидат застапувани преку јавно-приватниот дијалог. Имено, се разговараше и за можностите за инвестиции во ИКТ образованието што ќе одговара на потребите на приватниот сектор за квалитетна работна сила, зголемување на бројот на студенти на техничките факултети, вложувања во едукативен кадар и поддршка на капацитетите за неформално образование кои придонесуваат во создавање на ИКТ професионалци.

Затоа потребен е системски пристап, заклучија учесниците на Форумот, со промена на повеќе закони од областа на работните односи и даноците, со цел да се овозможи континуиран раст на ИКТ секторот како еден од најважните во домашната економија кој придонесува со отворање на нови работни места, високи примања и извоз на услуги и производи.

Во наредниот период, Проектот ќе работи на дефинирање и решавање на предлозите што произлегоа од овој настан.  Во исто време Проектот ќе работи на конструктивни решенија предложени како резултат на механизмите за јавно-приватен дијалог поддржани преку Проектот  Партнерство за подобра бизнис регулатива. Сите проектни активности ги спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери: Стопанската комора на Македонија; Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ; Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија. Преку активно учество во спроведувањето на овој проект, коморите ќе го градат својот капацитет за подобро да им служат на малите и средните претпријатија.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.