Крајот на оваа, односно почетокот на идната недела изгледа ќе биде навистина интересен за тие што ги следат новостите од светот на паметните мобилни телефони. Како што веќе знаеме и сме во исчекување, Samsung ќе ги претстави Galaxy S9 и S9+ во недела на 25 февруари, а веќе наредниот ден на нив ќе возврати Sony.
Тие најавија настан за 26 февруари, меѓутоа повеќе информации за тоа што ќе биде претставено, односно какви модели, од која класа и слично, не е познато, па само може да претпоставуваме.
Повеќето би сакале да видиме нешто што ќе може да им конкурира на одличните модели на Samsung, меѓутоа од видеото кое Sony го објави на Twitter како најава, буквално се што може да претпоставиме, а поврзано и со неколку други информации, е дека уредите ќе имаат посебна форма која многу подобро ќе „лежи“ во раката.
Join us. 26.02.2018 #SonyMWC pic.twitter.com/n6IQ82XRVZ
— Sony Xperia (@sonyxperia) February 19, 2018
Се претпоставува дека Sony ќе претстави два модели, односно Xperia XZ2 и XZ2 Compact, како што е трендот кај повеќето производители, а посебно кога претставуваат модели од највисоката класа.
Како и да е, во понеделник ќе дознаеме дали Sony ќе претстават нешто што ќе успее да украде барем мал дел од корисниците на Samsung.