Речиси 20 години подоцна, легендарната „Банана“ се враќа на пазарот. Мобилниот телефон кој својата популарност ја стекна преку „улогата“ во култниот филм Matrix од 1999-та година добива свој наследник.

Компанијата HMD Global го враќа на сцената овој класик на мобилниот дизајн, познат под името Nokia 8110. Слично како минатогодишното „изненадување“ со модернизираната верзија од уште попопуларниот 3310.

Оваа година HMD си игра со чувствата на носталгија кај фановите на Matrix. Уредот ќе биде достапен во две бои, црна и (колку „неочекувано“) жолта. Оперативниот систем со кој ќе се служи е Smart Feature. Тоа ќе значи дека корисниците нема да имаат пристап до Android апликациите кои се достапни на Nokia смарт уредите. Некои информации велат дека Nokia работи на посебна продавница (App Store) која ќе им понуди Facebook и ред други елементарни апликации на корисниците, но нема никаква потврда.

Уредот ќе го „придвижува Qualcomm 205 Mobile Platform процесор со 512MB RAM меморија. Истиот ќе има 4GB интерна меморија и батерија со неверојатен капацитет. Кога ќе се каже неверојатен, за Nokia тоа значи 25 дена издржливост во услови на stand by режим. Уредот ќе биде опремен и со 2 мегапикселна камера. Тоа нема да менува премногу, со оглед на тоа што уредот има екран со дијагонален распон од само 6цм.

Не би смееле да заборавиме да напоменеме дека на телефонот ќе се најде „унапредена“ верзија од најпопуларната дводимензионална игра за мобилен телефон, легендарниот Snake. Тоа е само причина повеќе да го набавите овој уред кој ќе се најде во продажба веќе од мај годинава. Цената на ова задоволство ќе изнесува 79 евра.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2The Guardian
Претходна статијаSpinLaunch ќе лансира објекти во вселената со помош на катапулт
Следна статијаНовиот Android P ќе ги исклучува апликациите кои сакаат да ве шпионираат