Меѓународната програма која повеќе од 10 години ги поврзува најуспешните жени менаџери од САД со жени лидери од различни земји, има за цел да го унапреди статусот на жените од бизнис светот, членки на организацијата на најмоќните жени во бизнис светот глобално, наречена Fortune Most Powеrful Women. Oваа година за прв пат имаше учесничка од нашата држава. Владата на Соединетите Американски држави преку Амбасадата на САД во Р. Македонија како учесничка ја избра г-ѓа Валентина Тасева, генерална директорка на Семос Едукација, која престојуваше во Силиконската долина, под менторство на компанијата Electronic Arts, пионерот во компјутерските и видео игри.

Меѓународната програма вклучува тренинзи за лидерство, говорни вештини, панел дискусии за правата и можностите на жените, настани за поврзување и двонеделно менторство со најуспешните жени менаџери од Fortune МPW и нивните тимови.

„Целата програма се одвиваше во три дела. Во првата недела имавме ориентација, т.е. каде сме ние и како треба да се однесуваме во компаниите коишто се назначени за наши ментори, која е американската култура, кодексот на однесување, итн. Понатаму, следните 2 недели бев во компанијата Electronic Arts. Таму секојдневно имав по најмалку 5 состаноци со нивниот менаџерски тим. Низ тој процес на секојдневни состаноци, од мене се очекуваше да ја одредам визијата, мисијата и вредностите на Семос Едукација и останатите наши компании. Самиот престој таму резултираше со изработка на мини стратегија за развој на компанијата, согласно визијата што ја имаме, т.е. каде ние се гледаме за 5 години од сега. На состаноците во Electronic Arts имав напишано бизнис бриф за нашата компанија. Сите кои присуствуваа, имаа увид кон што јас стремам, кои се моите проблеми, и кои се нивните инпути за да ги решам јас тие проблеми. Работев под менторство на нивниот тим составен од маркетинг, од финансии, од ИТ, човечки ресурси, итн. Тие ми го пренесоа нивното искуство и ми дадоа насоки како може тоа да се имплементира кај нас. Во Македонија се вратив со ново искуство и нови видици, се вратив со визија, со мисија, со структура. Другиот дел од бизнис планот допрва ќе се прецизира и утврдува.“ – изјави г-ѓа Валентина Тасева.

За учество во оваа менторска програма потребно е кандидатот да исполнува многу услови и предиспозиции: учесникот мора да биде жена и не може да се пријави самостојно, односно мора да биде номинирана. Кандидатот се предлага од страна на Американската амбасада во Р.Македонија до Стејт Департментот. Понатаму, следен услов е учесничката да има бизнис позадина, да има сериозно искуство зад себе и некаков импакт врз општеството. Задолжително е потребен бројот на институции со кои кандидатот раководи или е вклучен по било која основа, бројот на вработени во тие институции, годишниот буџет со којшто управува. Понатаму, битни се и наградите и достигнувањата кои ги има добиено и остварено кандидатот, вредностите на кандидатот како човек, итн. Апликацијата се поднесува преку Американската амбасада во Македонија до Владата на САД и нивното Министерство за образование. Одлуката ја донесуваат заедно со претставничка на Fortune’s Most Powerful Women.

На прашањето што таа најмногу ќе памети од нејзиниот престој во САД, г-ѓа Валентина Тасева вели дека тоа е пред сѐ влијанието врз бизнисот и мотивот на сите учеснички да направат импакт врз економијата и општеството во својата земја: „Сите учеснички беа на свој начин успешни и уникатни, со желба да бидат уште поуспешни во својата област. Потоа, многу беше импресивно тоа што во Electronic Arts, сите вработени коишто јас ги сретнав, ги зборуваат истите работи, истите вредности, истиот пристап… Менаџерскиот тим на Electronic Arts се состанува еднаш годишно и ги прецизира нивните три цели за таа година. Што и да се договорат дека е нивни приоритет за таа година, одлуката ја дисперзираат секаде низ своите тимови. Целокупниот број на вработени (околу 10.000), понатаму зборува за истото, делува и работи согласно предвидените цели коишто мора да се исполнат во таа година.“ – раскажува г-ѓа Валентина Тасева.

Една од целите на програмата беше глобалното поврзување помеѓу бизнис жените од САД, во улога на  менторки и менторираните жени од различни земји од светот. Г-ѓа Валентина Тасева вели дека за време на нејзиниот престој во САД, имала многу неформални средби, состаноци и предавања на кои запознала еминентни имиња од светски познати компании, високи менаџери и бизнис лидери. Меѓу нив се: менаџерскиот тим на Electronic Arts, финансовиот директор на Walmart, првата банкарка на Волстрит, жена којашто била на чело на ФБИ во Европа, министерката за образование на САД, итн.

Досега на оваа програма учествувале околу 300 учеснички од 56 држави низ светот. Една од целите на програмата е глобалното поврзување помеѓу бизнис жените од САД, во улога на  менторки и менторираните жени од различни земји од светот. Професионалниот и личниот однос што произлегуваат од менторската програма се протегаат многу подалеку од програмата и им овозможуваат да ги видат своите сектори и земји во ново светло, со што може многу да придонесат во подобрување на начинот на работа на нивната компанија, домашната економија и воопшто општеството во кое делуваат.

Претходна статијаFirefox тестира две нови можности – промена на боите на прелистувачот и отворање на две страни во еден прозор
Следна статијаВлијанието на стресот врз способноста и однесувањето на возачите