Во вест која нема да шокира никого, Сноуден изјави дека руската влада на чело со Путин, е корумпирана.

Сноуден живее под азил во Русија од 2013 година, откако пребегна од САД како последица на доверливите информации кои ги објави во разни медиуми ширум светот.

Русија е најбезбедна, но и еднакво опасна земја за Сноуден. Од една страна, таму е сигурен – добро познати се односите помеѓу САД и Русија, а Русија е една од малкуте земји врз која САД не може да изврши некој страшен притисок и да ја примора да го предаде Сноуден.

Од друга страна, Сноуден е на еден начин пион на Владимир Путин, кој веројатно во секој момент може да го предаде Сноуден на американските власти, доколку смета дека тоа ќе донесе нешто позитивно за Русија.

Што значи дека на крајот на краиштата, Сноуден не е баш слободен, во вистинска смисла на зборот. Не може да отиде да живее во друга земја, бидејќи е многу веројатно дека веднаш ќе биде екстрадиран во САД. Иронично, најбезбеден е во земјата која има долги години историја на непријателски односи со земјата од која што потекнува.

Меѓутоа, тоа не го спречува Сноуден повторно да се огласува во јавноста кога смета дека политичарите претеруваат. Во интервју за германскиот Süddeutsche Zeitung, тој изјави дека „Руската влада е корумпирана на многу начини, и тоа е нешто што рускиот народ го препознава. Рускиот народ е топол народ, тие се паметни, а Русија е прекрасна земја. Нивната влада е проблемот, а не нивниот народ.“

Во последните пет години, Сноуден постојано е во очите на јавноста. Тој е еден од најпознатите бегалци во светот. Според неговата приказна беше снимен холивудски филм и напишани неколку книги. Документарецот кој беше снимен за неговото патешествие од НСА > Хонг Конг > Русија доби Оскар.

Следи ново поглавје во неговиот живот. Трамп е сега претседател на САД. Зависно од развојот на односите помеѓу САД и Русија, Сноуден може или да остане каде што е, или да се најде зад решетки.

Претходна статијаМладите, летните забави, возењето во раните утрински часови и безбедноста во сообраќајот
Следна статијаInstagram Stories добиваат можност за додавање на музика, но не за сите корисници