Трева, виски и длабоки муабети – интервјуто на Роган со Маск

Кога се работи за Елон Маск, дури и да прдне, светот забележува и настанува медиумско лудило. Човекот е сензација за која постојано се говори, пишува, анализира и критикува

Еден од последните Маск „спектакли“ настанаа кога тој беше гостин кај Џо Роган со кој повеќе од два часа дискутираа за се и сешто (топло препорачувам да го слушате/гледате целиот разговор, Маск ретко зборува толку отворено за најразлични теми).

Тие дискутираа за тешкотиите со кои се соочува Тесла, предизвикот да се регулира вештачката интелигенција и како ќе изгледа иднината на светот со ВИ. Во еден момент, Маск вели дека во неговиот ум се случува „бескрајна експлозија од идеи“.

Во текот на нивниот разговор, Роган вади џоинт (марихуаната е легална во Калифорнија, каде што се снима подкастот). Тој му нуди на Маск да проба, а овој прифаќа и вовлекува еднаш. Од оваа сцена настана мемето кое се споделуваше со безброј варијации следните неколку денови. Очекувано, интернетот полуде. Но, полудеа и многу други работи, некои очекувани, некои не толку очекувани.

Само еден ден по интервјуто, акциите на Тесла паднаа на најниско ниво на кое биле во 2018 година. Директорот на сметководство даде отказ по само еден месец работа во Тесла, наведувајќи го „преголемото внимание од јавноста кое го има компанијата“ како главна причина за неговата одлука.

US Air Forces исто така се „начулија“ по објавувањето на видеото. Тие се уште не одлучиле да почнат формална истрага, ама вниманието кое го привлече Маск ги поттикна да прочепкаат што се случува со човекот што треба да пренесува нивно карго со ракетите што ги гради СпејсИКС.

Медиумите се обидуваат да го претстават Маск како „налудничав гениј“, а сега дигаат врева велејќи дека се однесува „само-деструктивно“. Можеби сето ова треба да биде сигнал за Маск дека се што тој прави во јавност се одразува на некој начин врз неговите компании.

Со секое вовлекување на џоинт и со секоја негова генијална изјава, култот на Маск расте. Но, во која насока ќе ги одведе Тесла и СпејсИКС, ако неговите „генерали“ се незадоволни поради спектаклот кој го приредува Маск на светот?

Претходна статијаPorsche веќе нема да има дизел автомобили во својата понуда
Следна статијаЕлон Маск сподели слика од замислата за Mars Base Alpha