snowden-four

Во најновата серија на притисоци врз Едвард Сноуден, човекот заслужен за откривање на најголемиот шпионирачки скандал во последниве неколку декади, пристигнува веста дека поранешниот секретар за транспорт на државата Тексас (Хорас Едвардс) ги тужи Едвард Сноуден и Лаура Поитрас, режисерка на документарецот, поради „профитирање од украдени документи“.

Тужителот бара од судот да го наложи отворањето на посебен фонд кој ќе се полни од приходите остварени од продажбата и дистрибуцијата на Citizenfour, како надомест за „предизвиканата штета“.

Обвинението е срочено на следниов начин:

…преку онаа шарада во филмот “Citizenfour”, бегалец постар офицер за разузнавање… заедно со “Холивудските обвинети”, намерно ги прекршија обврските кон американскиот народ, злоупотребија украдени информации споделени со странски непријатели и се стекнаа со финансиска добивка преку нивните злодела.

За во продолжение да го прочитаме следново:

…овие „Холивуд обвинети“ заедно делуваа без грижа за здравјето, безбедноста и благосостојбата на сите американски граѓани, ги помагале и незаконски поддржувале морално погрешните постапки на обвинетиот Сноуден и небрежно одбраа да профитираат од украдените доверливи CIA/NSA и други тајни документи откриени во филмот.

Но, доколку сето горенаведено и не изгледа толку застрашувачки и изненадувачки, кога доаѓа од личности поврзани со американските власти, следниов пасус е „шлагот на тортата“ – обрнете внимание на сумата која што се бара како реституција (нагласок мој):

… сумите што се предмет на овој фонд може да надминат стотици милиони, ако не и милијарди долари, за да се надоместат сите трошоци на Владата на САД за заштита на човековите ресурси ставени во ризик, обновување/преработка на компјутерската инфраструктура, обновување на односите со странските влади и да одговори на напорите на различни непријатели, што се должи на негативните ефекти предизвикани од овој филм и објавувањето на доверливи информации на странските непријатели на оваа нација.

Да, прочитавте добро, милијарди долари! Едвардс се дрзнува да напомене дека зборува во „името на американскиот народ“ и под тој изговор тој бара целосен поврат на средствата кои Владата на САД ги потроши за поправка на својот имиџ, по катастрофалните за нивната репутација откритија на Сноуден. Пари кои се потрошени од владиниот буџет, платен од даночните обврзници. Притисоците доаѓаат од сите страни, а кога веќе не можат на друг начин, американските власти се обидуваат да стигнат до Сноуден црпејќи ги сите можни правни средства.

Нивната перфидност не познава никакви граници. Да се бара реституција од филм чија примарна цел не е да произведува профит, проект во кој вмешаните лица го ризикуваа дури и својот живот, е тотален нонсенс. Бавните и мачни судски притисоци се дел од тактиката на заплашување и влевање страв кај „целите“ на тамошните законодавци. Познат е примерот и со Aaron Swartz, кој си го одзема животот како последица на психолошкиот притисок кој нему му беше наметнат на сличен начин.

Во меѓувреме, Citizenfour влезе во потесниот круг на филмови од кои ќе бидат изберени номинациите за најдобар документарен филм за 2014 година. Доколку биде номиниран, многу луѓе допрва ќе бидат запознаени со борбата на Сноуден и Гринвалд за откривање на вистината, а и на лицемерието на американските естаблишменти. Да му посакаме среќа.

Претходна статијаJoe Belfiore уверува дека Office тимот го нема заборавено Windows Phone
Следна статијаТајната на успехот на „кооперативниот капитализам“?