Ако некогаш сте влегле во книжарниците Три или Матица, сигурно ви е познато името Робин Шарма. Неговите книги се неизбежни. Едни од неговите најпознати дела се бестселерот Калуѓерот што го продаде своето Ферари и Клубот 5 наутро. Порано делата на Шарма (барем Калуѓерот) ми изгледаа површни и напишани единствено со цел да се продаваат.

Меѓутоа, воочив дека Шарма навистина има што да понуди во смисла на совети за посвесно и продуктивно живеење. Шарма порано бил адвокат и човек кој се наоѓал во бескрајна потрага по материјални работи (пари и екстремно скапи коли). Но, се чувствувал мизерно. Дури кога почнал да работи на себеси и на својата духовност, животот му се променил на подобро.

Освен што пишува книги што масовно се продаваат, Шарма има и своја компанија за обучување (Sharma Leadership International) со која обучуваат менаџери и вработени на некои од најголемите компании во светот (Најк, ФедЕКС, Микрософт и многу други).

Ова се неговите дневни навики и ритуали.

Ранобудник

Како што наговестува неговата книга Клубот 5 наутро, Шарма е еден од оние лудаци што стануваат пред да се раздени. Тој се буди помеѓу 4 и 5 часот наутро. По расонувањето, тој вежба (нема детали од што се состои неговата рутина на вежбање). Тоа му дава повеќе енергија и после вежбањето добива поголема инспирација за денот.

Шарма има разработено стратегија за управување со времето наутро што му донела огромен успех во животот. Тој тоа го нарекува Holy Hour. Според него, еден час наутро во кој ќе читаме инспиративни книги, пишуваме во дневник, медитираме, вежбаме или само размислуваме ќе ги постави темелите за еден одличен и продуктивен ден. Тоа е време за себеси, време во кое светот се’ уште спие додека ние ги правиме работите во кои најмногу уживаме.

Медитација

Не е изненадување да се прочита дека Шарма редовно медитира. Секое утро тој медитира по 30 минути. Медитацијата му го разбиструва умот и го ослободува од непотребни грижи.

Благодарност

Еден интересен ритуал кој Шарма го негува е благодарноста. Кога се наоѓа во ресторан, тој им се заблагодарува на сопствениците на ресторанот, на послугата, на готвачите, на фармерите што ги одгледуваат хранливите состојки и на секој човек кој играл било каква улога во тоа Шарма да може да го искуси тој оброк.

Кога се наоѓа во авион, се заблагодарува на екипажот, пилотот, вработените во аеродромот и луѓето на пистата затоа што му овозможуваат да се чувствува безбедно кога патува на некој настан на кој ќе говори пред илјадници луѓе.

Овој ритуал му ја подобрува интеракцијата со луѓето околу него, и му овозможува креирање на подлабоки врски.

Едночасовни прошетки

Стив Џобс и Нелсон Мандела се едни од најпознатите личности што редовно правеле неколку часовни прошетки. Џобс редовно држел состаноци во текот на некоја прошетка. Мандела пешачел со часови, некогаш цел ден.

Шарма вели дека едночасовните дневни прошетки му подариле безброј инспирации и идеји што потоа ги разработил во нешто конкретно. Тој си носи ливче и пенкало (смартфон ќе заврши работа) за да ги запишува сите идеи што му доаѓаат додека шета (а му доаѓаат многу). Како додатен ефект, пешачење еден час согорува околу 100-200 калории.

Дисциплина

Можеби се сомневате дека ја имате потребната дисциплина за да ги правите сите овие работи. Но, не ни морате да ги правите сите. Почнете со едно нешто. Прошетките не мора да траат по еден час, но секој ден да одвоите 10-15 минути за кратка прошетка не звучи премногу тешко.

За оние што сакаат да ја развијат својата дисциплина за што било, Шарма нуди неколку практични совети:

  • Станувај рано 30 дена по ред
  • Опкружи се со „прекрасни“ луѓе
  • Завршувај го она што си го почнал
  • Остварувај го она што си го ветил
  • Биди на време
  • Постави си (и постигнувај) помали и реални цели
  • Развиј ја својата вештина за визуелизација
Претходна статијаНајдобрите апликации за читање и слушање аудио книги
Следна статијаOppo официјално ја претстави својата „камера под екранот“ која ќе биде достапна во некој смартфон во блиска иднина