Alibaba
Фото: Next Shark

Првиот човек на кинескиот трговски гигант Alibaba, Џек Ма ја коментираше AI технологијата и проекциите за нејзиниот развој. Изјавата тој ја даде во рамки на Светскиот економски форум кој се одржуваше во швајцарскиот град Давос. Тој смета дека AI „ќе убие“ многу работни места во иднина.

Неговиот став тој го аргументира велејќи дека оваа технологија е закана за човечкиот вид. Практично, машините му се закануваат на човекот со тоа што во блиска иднина би го замениле во извршувањето на голем број задачи. На тој начин, ќе се уништат огромен број работни места и ќе се доведе во прашање егзистенцијата на милиони луѓе. Џек Ма смета дека AI треба да се развива во насока да им помага на луѓето а не да ги прави бескорисни.

Одговорноста за ваквата ситуација во иднина би ја поднеле токму технолошките гиганти. Тој е концизен дека компаниите од технолошкиот врв треба да преземат обврска и да се погрижат за иднината на човештвото. Тој е свесен дека луѓето како него имаат доволно финансии и ресурси за да влијаат на подобрувањето на животот на сите луѓе.

Истражувањата спроведени од реномираниот Универзитет од Оксфорд, велат дека повеќе од една третина од работните места во Обединетото Кралство се под директна закана од AI. Автоматизацијата на голем број работни места се проектира за наредните 2 децении. Со тоа примарно на удар ќе се најдат работните позиции со просечни примања, што ќе ја уништи средната класа.

Основачот на Alibaba не е првиот кој предупредува на ваквите сценарија. Се чини дека сите засегнати се групираат во два „табори“. Едните се крајно песимистични, додека другите очекуваат AI да создаде глобална посткапиталистичка утопија.

Извори: Alphr, DailyMotion

Претходна статијаАдминистрацијата на Трамп сака да спроведе државна 5G мрежа
Следна статијаGoogle ги презеде инженерите на HTC за 1 милијарда