Како сениор проектен менаџер во одделот за технологија и иновации во Европската радиодифузна унија, може ли да ни кажете нешто повеќе за дистрибуцијата на аудиовизуелно медиумските содржини и за другите аспекти од вашата работа?

Аудиовизуелно медиумските услуги опфаќаат широк спектар на содржини и функционалности, кои се нудат на гледачите и слушателите. Сите сме запознаени со традиционалните радио и телевизиски канали бидејќи истите постојат долго време наназад. Тие сè уште се најпопуларниот начин на гледање телевизија, но денес постојат и други канали на кои корисниците можат да ја погледнат содржината што ја сакаат. Многу радио-дифузери нудат услуги за враќање на програмата и олајн услуги по барање на корисниците, интерактивно гледање, како и емитување на содржините од социјалните медиуми. Меѓу другото, има огромен број на бесплатни содржини достапни на Интернет, но и такви што се наплаќаат. Впрочем, изборот на аудиовизуелни содржини никогаш не бил поголем од денес.

Истовремено, сведоци сме на неверојатен напредок во корисничките уреди, поточно во поглед на квалитетот на екраните, моќта на пресметување и капацитетот за сочувување податоци. Ова не важи само за традиционалните телевизии и радија, туку уште повеќе за персоналните компјутери, паметните телефони и таблетите.

Сите овие фактори и тоа како влијаат врз однесувањето на корисниците. Корисниците денес очекуваат содржините да бидат достапни на различни уреди во кое било време и место. Некои сè уште уживаат да гледаат телевизија со пријателите и семејството на големи телевизиски екрани, но исто така ја ценат приватноста и практичноста на преносливите уреди, дали во домот или кога се во движење.

Друг клучен елемент се дистрибутивните мрежи, кои ги поврзуваат корисниците и нивните уреди со содржините и услугите.

Радиодифузерите и другите даватели на содржини сакаат нивните содржини и услуги да бидат достапни до сите заинтересирани гледачи и слушатели. За да се овозможи тоа, тие користат специјализирани радиодифузни терестријални, сателитски, мрежи за кабелска телевизија, a нудат и телевизиски услуги преку мрежен протокол и Интернет. Предизвикот е да се обезбеди најдоброто можно корисничко искуство, истовремено задржувајќи висок квалитет, огромен избор и соодветна цена, како за емитувачите на содржини, така и за корисниците.

Имате особен интерес за платформите за безжична дистрибуција и го истражувате потенцијалот за универзалната достапност на јавните медиумски сервиси. Кои се клучните предизвици или пречки со кои се соочувате во овој домен?

Повеќето луѓе денес употребуваат мобилни уреди, особено паметни телефони и таблети. Сите сме навикнати истите да ги користиме за лична комуникација, електронска пошта, пребарување на веб, како и за многу други секојдневни активности, меѓу кои гледањето на аудиовизуелни содржини. Исто така, навикнати сме мобилните секогаш да ги носиме со нас бидејќи имаме потреба да останеме поврзани.

Самите уреди постојано еволуираат и повеќето од денешните паметни телефони и таблети имаат опција за прикажување на високо квалитетни видеа.

Од аспект на емитување на содржините, мобилните уреди се привлечни бидејќи потенцијално овозможуваат информациите да достигнат до индивидуални членови на публиката, каде било и кога било.

Јавните медиумски сервиси се подложни на многу законски обврски и ограничувања. Клучен дел од нивната политика на емитување е содржината и услугите да ги направат универзално достапни и бесплатни за гледачите и слушателите. Ова важи генерално за сите дистрибутивни платформи, меѓу кои и мобилните.

Сепак, присутните мобилни мрежи ја немаат потребната достапност и покриеност, ниту капацитет за пренесување огромни количини на податоци, генерирани од телевизиите. Често слушаме дека видеата сочинуваат најголем дел од посетите и создаваат значително оптоварување на мобилните мрежи, особено во часовите на највисока гледаност. Како и да е, гледањето содржини на мобилните телефони е само мал дел од вкупната аудиовизуелна потрошувачка и поголем дел од истата е дистрибуирана преку фиксни и безжични мрежи, наместо мобилни мрежи.

Дополнителен предизвик е многу високата цена на мобилниот интернет, како за емитувачите на содржини, така и за корисниците. Покрај другото, актуелните бизнис-модели за мобилните мрежни оператори не се совпаѓаат со надлежностите на јавниот медиумски сервис.

Една од причините за тоа е што мобилните технологии не се дизајнирани со намена за широка дистрибуција на аудиовизуелни услуги. Овој недостаток е делумно адресиран во најновите мобилни технички стандарди, иако можеби ќе бидат потребни неколку години пред новите функционалности да се имплементирани во уредите и мобилните мрежи. Европската радиодифузна унија и нејзините членови се активно вклучени во тековните истражувања и процесите на стандардизација, што можеби ќе стане уште поважно за вмрежувањата отколку 5G денес.

Остануваат уште многу предизвици, особено во финансирањето на одржливи и напредни регулаторни услови и бизнис-модели.

Имате искуство во менаџмент на радиофреквенциски спектар, што пак претставува сè поголем предизвик поради зголемениот број на корисници. Може ли накратко да ни ги претставите присутните проблеми за да читателите кои не се толку упатени во оваа тема можат да разберат за што станува збор?

Терминот „радиофреквенциски спектар“ се однесува на радио-брановите, кои се насекаде околу нас, иако не ги гледаме и чувствуваме. Тие се природен феномен, што значи дека постојат во природата, дури и кога нема човечка активност. Радио комуникациската технологија користи радио-бранови за пренесување информации на големи и мали растојанија, без потреба од мрежа за поврзување на пренесувачките и приемните уреди. Многу системи кои се неизбежни во модерниот живот користат радиофреквенциски спектар, како радијата и телевизиите, мобилните комуникации, безжичните мрежи, различните видови на сателитски системи, воздухопловната и поморската навигација, индустриските апликации, безконтактните системи, како и клучевите за автомобили, далечинските управувачи и многу други.

Како и да е, обемот на достапниот радиофреквенциски спектар е ограничен и не може да биде зголемен. Во овој контекст, радиофреквенцискиот спектар е сличен на други природни извори, како земја, вода и воздух. Според тоа, радиофреквенцискиот спектар мора умно да се користи. Ова е одговорност на менаџерите за радиофреквенциски спектар, чија работа е да ги дефинираат правилата за користење на спектарот, кои ако се почитуваат, им дозволуваат на различни корисници да дејствуваат истовремено без да си пречат едни на други.

Радиофреквенцискиот спектар исто така е јавно добро, што значи дека треба да се користи за придобивките на сите. Затоа во сите земји има национални власти одговорни за менаџментот на радиофреквенцискиот спектар. Нивна главна задача е да се погрижат за ефикасното користење на радиофреквенцискиот спектар низ целата земја. Ова не е едноставна задача, со оглед на тоа што побарувачката за радиофреквенцискиот спектар во многу случаи ја надминува достапната количина.

Па така, менаџерите на радиофреквенцискиот спектар треба да изнајдат баланс меѓу различните и често конкурентни технички, економски, општествени и други цели. Кога тие добро ќе си ја завршат својата работа, ситуацијата ќе биде подобра за сите.

Друг аспект од менаџментот на радиофреквенцискиот спектар е меѓународната соработка. Ова е важно поради две причини: Најпрвин, некои радио-бранови имаат капацитет да пренесуваат на подолги растојанија, па дури и преку границите на дадена земја. Ова побарува менаџерите на радиофреквенцискиот спектар во различни земји да се координираат со цел избегнување на можни штетни попречувања. Друга причина е тоа што постојат значителни предности доколку еден ист дел од радиофреквенцискиот спектар се користи на ист начин во повеќе земји. Ова не само што го олеснува избегнувањето на штетните попречувања, туку и дозволува опремата да биде исто дизајнирана, со можна употреба на иститот вид технологија. Опремата може да се произведе во големи количини, што би значело пониски трошоци. Едни од најдобрите примери за тоа се радио и ТВ сетовите, како и мобилните телефони.

Се надевам дека ова беше доволно објаснување за важноста на менаџментот на радиофреквенцискиот спектар.

Низ годините сте биле поканети да зборувате на меѓународни конференции и трговски настани. Годинава ќе зборувате на Самитот Македонија2025, поточно на панелот посветен на „Шансите и предизвиците во медиумските и телеком индустриите.“ Што очекувате да произлезе од оваа сесија? Која ќе биде најважната точка на која ќе се фокусирате и што македонската бизнис заедница ќе може да научи?

Консолидацијата на пазарот за медиумиските и телеком индустриите е во тек. Исто така има зголемен број на спојувања, каде телеком операторите се интегрираат со медиумска компанија и самите стануваат креатори на медиумски содржини и услуги. Ова понекогаш резултира со постоење на многу големи компании, кои доминираат со засегнатите пазари.

Исто така, долго време конкурентноста во аудиовизеулниот медиумски сектор беше органичена само на националните пазари. Ова повеќе не е така. Со порастот на мултинационалните конгломерати и Интернет платформите, локалните медиумски компании сè повеќе се соочуваат не само со нивните традиционални конкуренти, туку и со меѓународните, светски играчи.

Ова претставува особен предизвик за Јавните медиумски сервиси, кои по самата природа се национални. Нивната цел е да информираат, образуваат, да ги забавуваат граѓаните и тие се овластени да креираат сорджини што ги опфаќаат потребите на сите сегменти од популацијата. Нивната вредност е во промовирањето на културна и лингвистичка разноликост и во градењето на социјалното единство и демократското општество.

Очекувам панелот на Самитот Македонија 2025 да обрне внимание на главните трендови во медиумските и телеком индустриите. Исто така, се надевам дека панелистите и публиката ќе ја спознаат карактеристичната вредност на локалните аудиовизуелни содржини и потребата од обезбедување долгорочна изводливост на македонските јавни медиумски сервиси, особено на Македонската Радио Телевизија. Клучни услови за ова се уредничката независност, одржливото финансирање и јасните овластувања со закон.

Имате завршено мастер студии по електро-инженерство и сте свесни за лошото поставување на поврзувачките и вземјените врски, лошата електрична инсталација и слабите познавања од теоријата на заземјување. Свесни ли сте дека таквите проблеми постојат во Македонија? Сметате ли дека нашата земја подложи на опасности од слабото поврзување? Ако да, тогаш кои се следните чекори, што може индустријата да направи за да ја зголеми безбедноста?

Секако, многу е важно да мрежната инфраструктура е технички стабилна и безбедна. Не сум запознаен со ситуацијата во Македонија. Сепак, ако такви проблеми навистина постојат овде, тие според мене треба да бидат адресирани преку јасна регулација, одржлив напор на сите инволвирани страни и ефективно спроведување на правилата. Можеби индустријата треба да усови Кодекс на најдобри практики. Веројатно ќе биде потребно да се организираат информативни и едукативни кампањи насочени кон инсталерите и членовите на јавноста. Соработката е клучна бидејќи ниедна странка сама по себе не може да најде решение. За почеток, би било добро да се одреди степенот на проблемот и да се преземат потребните мерки за превенирање на понатамошно влошување. Секој специфичен предлог би барал подлабоко познавање од ситуацијата, кое јас не го поседувам во случајов.

Претходна статијаПрви импресии: Huawei Mate 10 Pro е достоен конкурент во премиум класата
Следна статијаPay with Google за полесно плаќање на онлајн сервисите