Пред речиси еден месец ја пренесовме информацијата дека водечкиот македонски портал за online тргување Пазар3 прославува цела деценија постоење. За да се биде во врвот на овој брзорастечки сегмент од интернет индустријата и после десет години од почетокот секако најважен дел е квалитетниот и мотивиран тим кој постојано мора да биде во дослух со потребите на корисниците и клиентите. На чело на тимот на Пазар3 е нашата денешна соговорничка, Г-ѓа Ајлин Шеали, магистер по менаџмент на информациски системи која изминативе 5 години работи како извршен менаџер во Пазар3.

Оваа година прославувате 10 години од почетокот на работата на Пазар3 во Македонија, но како започна Вашата приказна и како се развиваше низ годините?

Нашата приказна всушност најпрво започна како регуларен веб сајт за огласување во Македонија, кој со текот на времето следејќи ги светските трендови и самиот се развиваше и го менуваше првичниот облик – прилагодувајќи се пред се на барањата на клиентите.

Визијата на нашите основачи од самиот старт беше да станеме водечко место во сегментот online трговија, па одтаму и за тоа време иновативниот потег за фомирање на првата онлајн платформа за купување и продавање која ќе го замени традиционалниот начин на огласување и на луѓето ќе им овозможи да огласуваат брзо и едноставно и нивните “производи“ да станат достапни низ целата земја.

Остварувањето на нашите планови можеби не одеше секогаш лесно и со планираното темпо, но секогаш успевавме да ги достигнеме зацртаните цели и полека, но сигурно да растеме и да бидеме чекор пред остантите конкуренти. Тоа пред се е заслуга на тимот кој секојдневно со голема љубов работи посветено Пазар3 да биде синоним за успешна македонска интернет компанија препознаена како партнер во бизнисот од илјадници македонски граѓани и компании.

Колку дневно посетители и поставени огласи има на Пазар3 и која категорија би можеле да ја оцените како најактивна за прегледување ?

Пазар3 дневно има околу 70 000 посетители и над 1 600 поставени огласи на ден. Најголем број од огласите се за автомобили. На сајтот има над 32 000 огласи за автомобили. Ова категорија исто така се карактеризира и со брза продажба, каде што сме имале искуство дека автомобил се има продадено и за рекордно време во рок од 2 часа. Недвижностите исто така се доста бројни и горди сме на нашите соработки со речиси сите агенции за недвижности.

Кои услуги им ги нудите на компаниите кои сакаат да се огласуваат и продаваат преку Пазар3?

На компаниите им нудиме најралични начини на огласување. Можат да регистрираат оглас или да отворат онлајн продавница. За секоја отворена онлајн продавница (чија регистрација е бесплатна) се доделуваат и 250 денари почетен бонус. Компаниите сите производи ги имаат на едно место исто така достапни им се и најразлични статистики во однос на посетеност и детален увид на извршените трансакции на Пазар3.

Исто така, на сите компании им нудиме рекламирање со банер, во цела Македонија или одредена категорија. Со минимален буџет, секој може да постави реклама што ќе достигне максимум гледаност.

Пазар3 Шопинг е друг дел, што е одличен за сите компании што имаат онлајн купување. Сите прозиводи од сите онлајн продавници се на едно место. Корисниците можат да пронајдат се што ќе посакат, со можност за споредување на цени на одредени производи и достапни им се уште многу други поволности.

Што ново можеме да очекуваме од Пазар3 во наредиот период, кои се Вашите идни планови?

Пазар3 секогаш работи на подобрување на услугите со цел да бидеме во тек со најновите трендови. Моментално се работи на нови мобилни апликации за Пазар3, што ќе бидат лансирани во нареден период и ќе вклучуваат доста новитети. Исто така постојано се работи на подобрување на претходните верзии на веб сајтот, со цел да се задоволат барањата на нашите корисници и да им се обезбедат поквалитетни услуги. Секој кој има идеја за подобрување на сајтот, може да прати мислење преку формулар што е наведен на сајтот.

Претходна статијаОткриен нов случај на пробиени Yahoo сметки, овој пат дури 1 милијарда
Следна статијаImprobable и Google заедно ќе прават целосен виртуелен свет