Гоце Симоноски

Секогаш неуморен за нови знаења, со познавања и интерес за музика, психологија, астрономија, филозофија. За оние кои го познаваат е веројатно најскромниот генијалец кој ќе го сретнете и несомнено голем талент со мултидисциплинарни вештини. Во наредниот период треба да излезе неговата деби книга “Едно”. По тој повод, седнавме да помуабетиме за што точно станува збор, каква е поврзаноста на музиката и науката и слични интересни работи. Деталите во прилог ?

1. Кој е Гоце Симоноски?

Композитор на класична музика, а во доменот на популарната музика—аранжер, музички продуцент и тон мајстор. Обожавам дружење, свирење со бендот, храна, читање книги и истражување на теми од музичката наука.

2. Музика и наука – како заедно се комбинираат тие две работи?

Со воведувањето на компјутерската технологија во научното секојдневие и лаборатории, многу научни прашања поврзани со музиката почнаа активно да се истражуваат и одгатнуваат, и тоа само во последниве две-три декади. Тука особено би ги потенцирал невронауката и психологијата. За мене, науката и музиката претставуваат начин на размислување којшто ја разоткрива и дискредитира лажноста и шупливоста на многу митови, идеи и верувања, ја поттикнува љубопитноста, инспирира и нѐ мотивира храбро и бестрашно да чекориме кон непознатото.

3. Што е твоја пасија?

Покрај музиката, астрономијата е нешто што потајно ме прогонува уште од дете. Како да било вчера, се сеќавам кога за прв пат ги отворив првите страници на географскиот атлас и ги здогледав Земјата, планетите, Сонцето и една галаксија—илустрации коишто оставија долготраен белег во моето сеќавање. Повремено организирам фотографирање и набљудување со телескоп на ноќното небо. Набљудувањата на ѕвезденото небо секојпат ми предизвикувале морници.

High Control, Гоце Симоноски

4. На што работиш моментално? Која е приказната за “ЕДНО”?

Моментално ја пишувам мојата следна книга и воедно правам напори за организирање на промоцијата на мојата деби книга „Едно“, која треба да се случи на 17-ти мај во барот „Квинс“ во Тетово. Инаку, „Едно“ е обид да се даде одговор на сите оние, навидум едноставни прашања кои речиси сите ние како деца сме имале смелост да ги поставуваме: Зошто небото е сино? Зошто тревата е зелена? Што има зад онаа планина? Што се крие зад хоризонтот? Што се случува надвор од планетата Земја? Зошто реалноста суштествува и е таква каква што е? Научниот метод и редукционизмот се алатките со кои се обидувам да ги дадам одговорите на горенаведените прашања. Исто така, во содржината активно се истражува и феноменот музика. Па, повелете на промоција!

5. Кои се твоите идни планови?

По завршувањето на магистерските студии, веројатно уште годинава ќе започнам со изучување на ново поле—психологијата. Музиката и психологијата имаат многу да си поприкажат. Исто така, се надевам и на соло музички проект до крајот на годината.

6. Што имаш да им порачаш на читателите на Смартпортал?

Бидете бескрајно љубопитни и ќе откриете свет кој е далеку повозбудлив и од нашата најлуда имагинација. Зарем не заслужуваме макар и мал дел од вистината во нашево краткотрајно животно патешествие?

Претходна статијаПреземањето на пиратска содржина останува „проблем“ во светот
Следна статијаPixsy е одличен сервис за фотографите да следат дали нивните слики се користат без дозвола