Со Windows 10 Microsoft го промени начинот на којшто го развива оперативниот систем со помош на корисниците. Наместо тест верзиите да бидат достапни во главно за програмерите и при крај на развојот, со десетката беше претставена Windows Insider програмата.
Како што повеќето корисници се запознаени, Windows Insider им овозможува на корисниците бесплатно да ги тестираат најновите верзии од Windows 10 и со тоа да дадат придонес во откривањето на баговите, но и предложувањето на нови функции и слично.
Главниот лик зад оваа програма повеќе од година дена беше Гејб Аул, чии што твитови станаа едни од најмногу очекуваните, поради очекувањето на корисниците тој да најави дека е достапна нова тест верзија од оперативниот систем.
Тој на изненадување на сите вчера најави дека веќе нема да биде главен на Windows Insider програмата. Причина за тоа е главното работно место кое го има во компанијата кое не му овозможува целосно да се посвети и на оваа работа.
Тој ќе продолжи да биде активно вклучен во развојот на новите верзии од Windows 10, но како што истакнува, повеќе од позадина од каде ќе работи со неговиот тим на инженери.
Неговото место ќе го преземе Дона Саркар којашто сепак на нас не ни е позната, меѓутоа е веќе подолго време во компанијата. Таа својот прв ден како главен на Windows Insider програмата го започна со пуштање на нова тест верзија за мобилните, па сигурни сме дека фановите веќе гледаат позитивно на неа.
Извор: Windows Blogs